Press "Enter" to skip to content

Во “Стрчинското виногорие“, свечено ги зарежаа лозјата за празникот Свети Трифун (фото)

Групата “Весели лозари“ од месноста Стрчин над Битола, денеска со зарежување на лозовите насади свечено го одбележаа православниот, христијански, празник Свети Трифун. На утринската посета на параклисот постевен на светецот Свети Трифун, започнат со градба пред неколку години, на нивна иницијатива, “Веселите лозари“ запалија свеќи и се помолија за здравје и родна година и се упатија во нивните лозја, кои се наоѓаат, како велат, во “Стрчинското виногорие“.

Еден од највозрасните лозари, Трајче Мечевски, кој долги години го обработува своето лозје, прв го започна адетот на зарежување.-Се сеќавам на периоди кога овде се беше под лозови насади и од тогаш се негува оваа традиција. Со изградбата на параклисот повеќе се зближивме и планираме уште посвечено одбележувања на празникот во иднина, секако и со свештеник, вели Трајче и додава:

-Минатата години поради топлото време кое го имавме рано започнавме со режење, а годинава поради студот немаме ни гранка изрежано. Оваа година на празникот режеме само симболично, а со ефективна работа ќе започнеме по некое време, кога ќе се затопли.

Инаку, групата “Весели лозари“ е повеќебројна и е отворена за други членови кои обработуваат лозје и се мераклии на дегустација на вино од “Стрчинското виногорие“. Во оваа група “членуваат“ и Љубе Ѓоревски (51) кој своето лозје го наследи од својот татко Трајко, Јован Мишачковски (78), Доне Јолев (66), Иван Јолевски (56), Илија Белџигеровски (61), Драган Ристевски (60), Трајче Мешевски (66), Јован Јовановски (71), Крсте Кочов (36), Горан Кочов (38) и други.

Домаќин на денешната слава беше Илија Белџигеровски, а како и неколку години наназад “гостите“ се берат во неговата куќа.-Ме радува што и оваа година сме тука заедно, здрави и живи, како и претходната. Нашето дружење не е само за овој ден, бидејќи ние сме заедно секој викенд, заедно работиме, заедно го поправаме патот, си помагаме без штедење, а и заедно го градиме параклисот посветен на светецот Свети Труфун. Посакувам винарите да имаат убав род и квалитетно вино, вели Белџигеровски, кој “командуваше“ како да се приготви празничната трпеза во неговиот дом, за која сите донесоа нешто во чест на празникот.

-Секоја година лозјата немаат ист род. Тоа зависи од каква зима има, од пролетните мразеви и секако од летната топлина. Лани имавме на добро и квалитетно грозје, од кое добивме квалитетно вино, а се надевам дека и оваа берба ќе биде квалитетна. Што се однесува до традицијата на славење на Свети Трифун, денот на лозарите, ја продолживме и годинава со ритуално зарежување на лозјата, а потоа и со заедничко дружење, вели Ристо Кочов.

Со оглед на тоа дека во Битола и околината нема верски објект посветен на светецот Трифун, параклисот во Стрчин е единствен во овој регион, и затоа “Веселите лозари“ од Стрчин се посебно горди. Има иницијатива од нив најпрво да се освети параклисот, а за тоа што потоа Драган Ристевски вели:-Моштите на Свети Трифун пред десетина векови се купени од богато семејство од Котор, град на Јадранското Море, од венецијански трговци и сега се наоѓаат во истоимената црка во овој црногорски град. Наша желба е на некој начин да успееме да донесеме дел од моштите на Свети Трифун во Битола, поточно во овој параклис, кој би се надоградил во поголем верски објект. Оваа година “го покривме“, ветивме дека ќе запалиме оган и тоа го сторивме. Мило ми е што дел од битолчани го знаат местото посветено на светецот Трифун и годинава имавме и поголема посетеност, а како ќе одат годините така и ќе го доизградуваме.

Дотогаш групата “Весели Лозари“ ќе се посветат на одгледување на своите лозја и негување на традицијата на Свети Трифун.

С.Ристевски

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.