Press "Enter" to skip to content

Ученици од ОУ “Коле Канински“ на интеркултурна размена во Швајцарија (фото)

Основното училиште “Коле Канински“ од Битола, ова година е избрано да учествува  во Проектот за интеркултурна размена во детското село “Песталоци“ во Троген – Швајцарија.

Изборот на ова битолско основно училиште годинава е поради активната вклученост во повеќегодишна реализација на проектот ”Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија” во организација на Коалиција на младински организации “СЕГА“, од страна на наставничката по граѓанско образование, Снежана Брзовска и училишниот психолог д-р Аница Златевска.

Во рамките на истиот проект во училиштето се реализирани голем број на активности  (работилници, трибини, ТВ-емисии, натпревари, ораторства, учество на конференции) за заштита на правата на децата и негување на мултикултурализмот.Од минатата учебна година според обуките и насоките од БРО и МОН формиран е училишен тим во состав: Снежана Брзовска, д-р Аница Златевска, Марина Огненова, Светлана Глигоровска, Лидија Недановска и Татјана Стаменковиќ, за реализирање на проектот “Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија”. Цел овај проект е континуирано следен и поддржан од директорот на училиштето м-р Зоран Мирчевски и помошник директорката м-р Жаклина Наумовска.

Интеркултурната размена во Детското село Песталоци ќе се реализира од 11 февруари година до 27 февруари, а вклучени се девет ученици од шесто и седмо одделение, избрани по предходно објавен јавен повик со прецизно утврдени критериуми за избор на ученици-учесници.

Од  училиштето е номиниран наставник-супервизор Марина Огненова за учество на кампот заедно со деветте ученици. Кампот се состои од три меѓусебно поврзани делови: детски права, анти-расизам, интеркултурна комуникација.Детската фондација Песталоци (ДФП) е швајцарска НВО која промовира мирна кохабитација ширум светот преку сеопфатно зајакнување на способностите и правата на децата.  Детската Фондација Песталоци е основана во 1946 година со цел интеркултурно образование и размена. Секоја година 800 деца од југоисточна Европа се поканети да учествуваат во интеркултурни проекти за размена во детското село  во Троген.

ОУ “Коле Канински“ од Битола искажува благодарност до градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, за поддршката на овај проект за интеркултурна размена.