Press "Enter" to skip to content

Фото изложба на Андреј Стерјев во Гимназиската библиотека (фото)

Прва самостојна фото изложба на младиот талентиран автор Андреј Стерјев, матурант во битолската Горна Гимназија е отворена деновиве во просториите на училишната библиотека. Станува збор за дваесеттина фотографски дела, пред се мотиви од нашето опкружување, од Битола и нејзиното секојдневие.

-Поголемиот дел од идеите ги добивам во моментот, доколку забележам сцена што естетски, емотивно или на било кој друг начин ме привлекува, но понекогаш наменски излегувам со фото апаратот за да снимам фотографии со мотив што однапред сум го одлучил. Добар дел од изложените фотографии се токму такви.

Еден дел од изложените фотографии на Андреј се инспирирани од животинскиот свет од нашето опкружување,  а поголемиот дел се мотиви или детали од природата од нашето поднебје.-Обично ме привлекува помислата да доловам одреден момент и чувствата и мислите кои ги асоцираме со тој момент, како на пример, ако осамено го набљудуваме зајдисонцето од ридот. Или пак, што ли мисли кучето кое талка по шините на железничката станица? Каде одат птиците во лет? Но, имам и доста фотографии кои се создадени од целосно естетски побуди.

Изложените фотографи предизвикуваат значаен интерес кај редовните посетители во училишната библиотека и нескриени позитивни оценки кај учениците и кај наставниците од Гимназијата. Тоа на извесен начин и го охрабрува авторот да продолжи со неговото хоби кое го негува од поодамна.

-Благодарен сум на топлиот прием кој што го предизвика мојата прва изложба и тоа уште повеќе ја потврдува мојата одлука во иднина да и се посветам уште повеќе на фотографската уметност. Во моментов не би можел да кажам дали тоа еден ден ќе стане и моја професија, бидејќи ме привлекуваат и филмот и музиката, но во секој случај фотографијата ќе остане мое значајно хоби, можеби и повеќе од тоа.

Секако, и во случајот со фотографскиот талент на Андреј, како и со извесните наклоности и посветености кон други уметнички изрази од страна на ученици од Горната Гимназија, значајно влијание и придонес има магистерот за надарени и талентирани ученици, библиотекарот Драган Ристевски.

More from КултураMore posts in Култура »