Јавното претпријатие “Стрежево” по добивањето на концесијата за риби за организирање на рекреативен риболов на “Акумулацијата Стрежево” ја донесе висината на надоместокот за издадена дозвола за 2019 година. За оваа одлука директорот на ЈП “Стрежево“, Менде Граматковски вели:
-Годишната дозвола за риболов како и попустите на истата за поедини групи на граѓани можи да се кажи дека се прифатливи за вистинските спортски риболовци. Акумулацијата станува атрактивно место за помасовно присуство на спортски риболовци. Заинтересираните граѓани оваа година ќе имаат привилегија да вршат рекреативен риболов на една од најатрактивните рекреативни зони во нашата земја по убедливо најповолни цени од сите рекреативни зони.
За одредени групи на граѓани донесена е одлука за намалување на цената на дозволата за риболов, за што Граматковски вели:-ЈП “Стрежево“ како општествено одговорно претпријатие и покрај тоа што има најнизок надоместок за издавање на дозволи од сите рекреативни зони донесе и Одлука за намалувањето на висината на надоместокот за издадена годишна дозвола за вршење на рекреативен риболов на рекреативната зона “Акумулација Стрежево” за 2019 година за поедини групи граѓани што всушност е во корелација со тенденцијата на претпријатието да се овозможи помасовно користење на оваа риболовна вода за конкретната намена.
Дозволите за рекреативен риболов ќе започнат да се издаваат од 01.03.2019 во просториите на дирекцијата на ЈП “Стрежево”.
Во 2019 година акумулацијата ќе биде порибена два пати со пастрмка и крап, а тоа ќе значи повеќе спортски риболовци, поголема заштита на акумулацијата и на екологијата.
Висината за надоместокот за издадена дозвола за вршење на рекреативен риболов на рекреативната зона ‘Акумулација Стрежево’ за 2019 година во зависност од времетраењето на важноста на истата е утврдена со решение за давање на согласност од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (број 33-1572/2 од 30.01.2019 година) на следниот износ:годишна дозвола —— 1.000,00 денари,
петнаесетдневна ——– 500,00 денари,
седумдневна ————– 300,00 денари,
еднодневна —————- 150,00 денари.
Висината на надоместокот за издавање на годишна дозвола за вршење на рекреативен риболов се намалува на:
-700,00 денари за пензионери;
-600,00 денари за лица прогласени за технолошки вишок;
-500,00 денари за инвалиди;
-500,00 денари за студенти;
-400,00 денари за ученици.
Правото на користење на дозволите не може да се пренесува на друго лице. Дозволите ќе се издаваат единствено во регистрираниот пункт за издавање дозволи -наплатниот центар, лоциран во управната зграда на претпријатието на Булевар “1 Мај“ б. 77 во Битола, секој работен ден од 07.30-15.30 часот.