Press "Enter" to skip to content

Се подготвува второто издание на фестивалот “Џез-фактори“

Неда Маретиќ за bitolanews.mk

Битола од 18 до 20 април ќе биде домаќин на второто издание на фестивалот Џез-фактори. Главната програма ќе се одвива во Народниот театар, а оф-програмата и работилницата ќе се случуваат во кафе-бар “Камарите“ и кафе бар “Порта џез“. Организатор на манифестацијата е професорот Сашо Поповски, реномиран македонски џез-музичар и шеф на џез-катедрата при музичката академија на универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Центарот за културна деконтаминација од Битола.

Второто издание носи реномирани светски имиња од џез сцената. Првата вечер фестивалот го отвора специјалниот гостин Теодосиј Спасов, после кој ќе настапат реномираните Тони Китановски, Виктор Филиповски.Втората вечер е резервирана за настапот на Џоле Грујовски Квартет и “Кабадајас“.

-Публиката го доживува Теодосиј Спасов како “светскиот кавалџија“. Кругот на обожаватели и поддржувачи на неговата музика е широк, а неговите настапи заедно со Влатко Стефановски, ги полнат салите до последно место каде и да настапуваат. Препознатлив е како виртуозот на кавал кој е способен да интерпретира фолк мелодии на сопствен начин. Тоа што го прави уште повеќе популарен се неговите оригиналн идеи за чија реализација соработува со музичари од различни жанрови.

Тони Китановски  се опишува себеси како композитор кој свири на гитара. Десетте години поминати во Бостон, благодарение на целосната стипендија на Беркли, беа исполнети со уникатни и екстремни музички откритија кои сега ја обликуваат бојата во неговиот музички глас. Тој е еден од нашите најистакнати џез музичари.Виктор Филиповски е музичар од најмладата скопска креативна џез сцена. Еден е од најангажираните музичари во Македонија, како на домашната сцена така и пошироко. Во 2017 година му беше доделена наградата “Златен Орик – Најдобар млад џез музичар” од Скопје Џез Фестивал и Qatar Airways.

Самиот музички жанр на “Кабадајас“ е мешавина од традиционалните мелодични и ритмички изрази во земјата кои ги разбиваат границите, достигнувајќи длабоко во сферите на џез-фузијата / фанк / драм & бас и даб музика.

Џоле Грујовски е гитарист, аранжер, едукатор кој низ својот музички пат создал и создава импресивна и иновативна музика. Музиката на албумот “Рефлексии” се карактеризира со честа промена на динамиката, нежна атмосфера и еднаков третман на сите инструменти.

Оф програмата започнува на 18. април со настапот на Молли Тролли Квартет во кафе бар “Камарите“, на 19 ти настапуваат “Скопје Џез Инк“ во “Порта џез“, а следниот ден Лина Авшар во “Камарите“. Лина Авшар е позната по нејзиниот моќен глас, како и по нејзините интерпретации на фанк- соул- џез стандарди и современа популарна музика.

Скопје џез инк се група музичари, добро познати на домашната и меѓународната џез сцена, на кои секој настап им е нова музичка авантура, со репертоар составен од авторски и помалку или повеќе познати џез композиции аранжирани токму во стилот на бендот кој опфаќа сѐ од bebop па сѐ до денес и смело навлегува во иднината.

Моли троли е фраза која големиот Лестер Јанг ја користи во неговиот сленг како жаргон за музички тест. Традиционалниот, но и апстрактниот начин на изразување се главните карактеристики на оваа група.

Првото издание на фестивалот минатата година донесе во Битола реномирани светски имиња од џез сцената и тоа Душан Јевтовиќ, кој настапи со Васил Хаџиманов и тапанарот од Израел Асаф Сиркиз. Следните денови настапија Сашо Поповски трио, Фирс, Тони Китановски , Иван Бејков, Виктор Филиповски .

Во програмата оваа година е и џез-работилницата со наслов -Џез фестивали – организација – вмрежување – мобилност на артисти, која ќе се одржи во Народниот Театар на 20 ти април, а на која ќе говорат- Винко Михајловиќ – Петровац Џез Фестивал – Р.Црна Гора, Драган Влајниќ – Кикинда Џез Фестивал – Р. Србија, Ирена Благојевиќ – Џез музичар Белград – Р.Србија, Сашо Поповски – Џез Фабрика Фестивал – Битола, Бојан Стефковски – Џез Фортнајт Фестивал – Џез издавач Скопје, Гордана Настевска-Манасијеска -Акаша Букинг Агенција Скопје, Тодор Ивановски – Центар за културна деконтаминација Битола.

Фестивалот е поддржан од општината Битола, Министерството за култура и НУ. Народен Театар Битола.

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.