Press "Enter" to skip to content

Д-р Лидија Стефановска-стоматолог, специјалист по ортодонција: стоматологијата моја љубов од детството,ортодонцијата мој животен предизвик

Превентивната стоматологија, особено ортодонцијата, конечно и кај нас го пробива својот пат во примената кај младата популација, нешто што во западните земји одамна е практика. Тоа е нашиот повод за ова интервју со д-р Лидија Стефановска од Битола,  специјалист по ортодонција со три и пол децениско искуство во областа на стоматологијата.

Како се роди вашата љубов кон стоматологијата?

-Стоматологијата  ја засакав од многу мала возраст бидејќи бев редовен пациент во Школската стоматолошка ординација. Како што многу често се случува децата да го имитираат животот на возрасните, така и јас започнав да си “играм“ стоматологија. Во нашиот двор имаше дрвена скала потпрена на куќата, на нејзе имаше ситни дупчиња кои ми беа иунспирација, а јас во летниот период со врвот на шестарот ( во иднина турбина и колењак) ги продлабочував (чистев кариес) и ги пополнував со наводенета истолчена креда ( пломба) и затворајќи ги, имитирав пломбирање на заби. Меѓутоа, помина детството и дојдоа гиманзијалските денови, а љубовта кон стоматологијата не згасна. После матурата, мој правец беше Стоматолошкиот факултет во Скопје. Желбата ми се исполни, бев примена и започна студирањето. Сега, кога се навраќам  после  триесет и три години работен стаж, кога повторно би била матурантка и би избирала факултет, не би  се двоумела ниту минута, повторно стоматологија- мојата голема љубов.Како се создаде вашиот предизвик кон ортодонцијата?

-Во текот на студирањето ги сакав сите области на стоматологијата , оти во младоста с`е е предизвик. Меѓутоа, ортодонцијата ми остана најзагадочна, специфична и интригантна наука, која со дипломирањето  се познава многу малку и затоа претставува дури и супспецијалност. Со специјализирањето на оротодонцијата, се отвораат посебни видици во светот на стоматологијата. Таа е најмлада гранка, а нејзините корени потекнуваат од САД и темелите ги удри познатиот ортодонт Edward Angle. Како и сите науки, оротодонцијата со брзи чекори се движи напред, а секој конгрес, курс, симпозиум што ги посетувам до денешни дни, ми носат нови знаења, нови техники, нови искуства, нови видици и можности. Во тоа, оосбено ми помага познавањето на три странски јазици.

Што е ортодонција и од која возраст се применува?

-Ортодонцијата претставува ортопедија на заби и вилици, гранка која се користи не само кај децата, туку и кај возрасните пациенти- адултна ортодонција. Со ортодонтски третман може да се започне релативно рано, особено кога ќе бидат забележани лошите навики кај детето- продолжено цицање на прст или цуцла, дишење на уста, инфантилно (незрело) голтање, тискање на јазик, гризење на нокти итн. Цицањето на прст во однос цицање на цуцла е потешко, бидејќи ќе сугерираме цуцлата да биде отстранета, а со прстот е многу потешко. Таквите деца имаат отворен загриз и потешкотии во изговорот на некои букви. Сум имала пациенти каде што едниот палец е истенчен од цицање, пациенти кои и во  тинејџерска вбозраст  заспиваат со прст во устата,  итн. Во зависност од возраста, постои и соодветна терапија. Дишењето на уста може да биде од повеќе причини- зголемени крајници, трет крајник, чести настинки, алергии и девијации на носната преграда. Овој тип на дишење не дозволува нормално развивање на горната вилица во ширина, готско непце и збиен забен низ. Тука терапијата е мултидисциплинарна,  а од  ортодонтски аспект, употребата на мобилните протези може да даде одличен резултат,  доколку имаме добра соработка со пациентот. Често знам да им се обратам на моите пациенти со реченицата- “Те молам, многу да ја носиш протезата“. Инфантилното ( незрело) голтање, или како наследна аномалија или како лоша навика од употреба на цуцла при исхрана на бебето, па и подоцна, е една од најтврдокорните лоши навики. Колку побрзо ќе биде забележана, толку подобро. Се даваат инструкции- миофункционални вежби за да се трансформира во зрело голтање. Од искуство, со упорно вежбање, посебено дизајнирани протези или “трејнери“- силиконски апарати, се доаѓа до резултат.Кои се други причини за неправилности во забните низови?

-На прво место е наследниот момент во кој се истакнува прогенијата ( 2% кај белата раса), вкрстен загриз, скелетен отворен загриз, стрм загриз итн. Понатму, причинители можат да бидат хормоните, заболувања, дефицитарна исхрана итн. Предвременото губење или вадење на млечни заби, исто така, дава збиеност во забните низови, немање на простор за сите заби. Порано, многу едноставно се решаваше оваа аномалија со вадење на трајни заби, меѓутоа, постојат и други методи за да се избегне редукација на забната супстанца, освен ако тоа е неизбежно. Раното губење на трајните заби, особено првиот молар ( шестката, како што се вели народно), перзистенција на млечни заби ќе доведе до погрешен правец на никнење на трајните заби. Неправилностите можат да бидат само на поедини заби во однос на положба, бројност, облик, големина и структура, или на забните низови- тескобност, растреситост, форма на забниот низ, па дури и негова големина.

Кои други моменти се значајни поради олротоднтските аномалии?

-Изгледот на лицето, естетиката, насмевката и профилот на една личност  се исклучително значајни. Многу непријатно се чуствуваат децата со изразена протрузија (исфрлени заби напред), кога не можат ниту да ги состават усниците, или адолесценти со отворен или длабок ( стрм) загриз, а најнеповолна е состојбата кај лицата со исфрлена кон напред долна вилица- прогенија. Впрочем, еден симетричен и пријатен изглед на лицето ја зголемува самодовербата и хармонијата во животот.

Како и кога започнува ортодонтската терапија?

-Како што претходно кажав, непосредно по детектирањето на аномалијата, треба да се започне со тертман, со отстранување на лошите навики, поставување на држачи за простор, миофункционални вежби, брадова држалка, вестибуларна плоча, а во мешовите дентиција кога е фаза на смена од млечни во трајни заби, употребата на мобилни протези и функционални апарати е исклучителна. За жал, се почесто,  од родителите  ја слушам реченицата- “Се уште е рано да одите на оротодонт, почекајте  да се сменат сите заби“. Напротив, употребата на мобилните протези на возраст од осум до единаесет години има многу голема важност, бидејќи се остварува и ортопедски учинок кај младиот организам кога е во најинтензивен раст и развој. Кај одговорни пациенти кои редовно доаѓаат на контроли, може да се потигне извонреден резултат, а овие ортодонтски апарати ги изработувам преку ФЗОМ, што значи дека родителите не ги плаќаат. Меѓутоа, морам да истакнам, не се може да биде решено со мобилен оротодонтски третман. Затоа, постои и фиксниот оротоднстки третман кој е исклучително ефикасен и се постигнуваат одлични резултати.Од која возраст се индицирани фиксните протези?

-За да дојдам до одлука за поставување на фиксна протеза, најпрвин, потребна е панорамска рентген снимка без која не ја зпаочнувам ниту мобилната терапија. Не практикувам да поставам фиксна протеза на само четири предни заби и први молари (шестки), напротив тоа го сметам за контраиндицирано и предвремено. Најчесто, поставувањето е после единаесетта година, меѓутоа важна е денталната зрелост на детето, растот на корените и самата аномалија, пред се.

Колку трае ортодонтскиот третман и што е битно при носењето на фиксните протези?

-Во зависност од дијагнозата и реакцијата на забите и меките ткива, зависи и должината на еден третман. Не сакам да договараме до кога пациентите ќе бидат готови. Во медицината никогаш  два и два не е четири, па мојот одговор секогаш  гласи- “Готово е кога  ќе се наредат забите и вилиците ќе имаат правилна оклузија“. Значајна е хигиената на забалото и непцата, соработката во смисла на  носење ластици и редовни контроли. Лошата хигиена доведува до деминерализација на забите, па пациентите би можеле да завршат со беспрекорно наместени заби и вилици, но со бели дамки на забите или кариес и тогаш најлесно е вината да биде префрлена врз протезата. Секогаш на моите пациенти им давам препораки за начинот на исхрана и четкање на забите, а отворено им кажувам дека ќе ги искарам ако не мијат заби бидејќи тоа е за нивно добро, тоа се нивни заби  кои ќе им требаат за цел живот.  Исто така, од нехигиена доаѓа до воспаление, оток и крварење на непцата, па многу често завршуваат со гингивопластика. Режимот  на исхрана треба да се почитува за да не се одлепуваат брекети, прстени или туби, а за ефикасен и навремен третман се неопходни контроли, кои вообичаено не се долги. Ме лутат пацинетите што забораваат да дојдат и по неколку месеци!

Што после фиксната терапија?

-После фиксната терапија ЗАДОЛЖИТЕЛНА РЕТЕНЦИЈА. По поместувањето на забите се потребни 232 дена да се реорганизира периодонталниот лигамент, а една година им треба на еластичните супраалвеоларни влакна. Ова покажува колку е јасно значењето на ретенцијата, како не би дошло до рецидиви. Ретенцискиот протокол е индивидуален избор на секој ортодонт и ригидноста околу должината на истиот. Во секој случај, после фазата на сетлингување и вадење на апаратот  РЕТЕНЦИЈАТА  Е ЗАДОЛЖИТЕЛНА. Оваа тема е значајна точка на дискусија на секој наш конгрерс, симпозиум, курс итн.

Какви врсти на ретенција користите?

-Во зависност од дијагнозата и терапијата, постои и индикација кои ретејнери да се корстат кај секој пациент. Можат да бидат лингвално или палатинално бондирани ретејнери- жица која е залепена на внатрешните површини на забите, вакуум оформените ретејнери- силиконски ретејнери кои се многу удобни, високо естетски и беспрекорно ефикасни и конвенционални  акрилатни ретејнери.

Колку треба да трае ретенциониот период?

-Колку подолго, толку подобро. За релапс, секогаш постои можност. Мојата девиза е барем двојно подолго од носењето на фиксните протези. Некои автори, за некои дијагнози препорачуваат доживотна ретенција кое силно го поддржувам, но нашите пациенти ретенцијата не ја сфаќаат сериозно , знаат да не се појават повеќе после поставениот ретејнер, или сами да си ординираат терапија, во смисла, каков ретејнер ќе си одберат по желба и инсистирање, колку долго ќе го носат и сл. Честа е забелешката- “На другарка ми пак и се искривија забите“. Мојот одговор е прашањето- “Дали го носеше ретејнерот“? Следува молк и одговор- “Е не баш…“, а тоа е најголемата грешка!

За крај, што ќе препорачате?

-Ако порано Северноамериканската водечка ортодонтска школа велеше-“Оставете ја аномалијата да се развие, па ќе ја решаваме“, сега ставовите се сменети- Колку побргу се реагира, толку подобро. Затоа, родителите будно да ги следат своите деца и состојбата во нивната уста, да практикуваат чести посети кај матичните стоматолози, редновни систематски прегледи и залевања, а посета и на ортодонт, како нешто не би се пропуштило и можело навреме да се фати, спречи и лечи.

Според моето триесет и три годишно искуство како стоматолог, незаменливо е градење на непосреден однос и доверба со пациентите, пред се, со децата и сите сугестии околу терпија, контрола и хигиена, доследно да ги почитуваат со поддршка на родителите, за посакуваниот успешен резултат.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.