Press "Enter" to skip to content

Бисера Пројкоска: талентиран тинејџер, активна спортистка-каратист (фото)

Бисера Пројкоска е ученичка во седмо одделение во ОУ “Св. Кирил и Методиј“, активна спортистка и талентирана каратистка. Многу пати наградувана и исполнителна заслужи место меѓу талентираните тинејџерки. Низ неколкуте прашања и одговори ќе ве внесе во каратето како спорт за самоодбрана, пред се. 

Може ли да ни кажеш нешто повеќе за твоите почетоци и клубот во кој тренираш?

Карате тренирам повеќе од 3 години, во карате клубот „Заншин До“ под менторство на сенсеи (учител) Стефка Јанковска Петковска.До кое ниво си стигната и која е твојата следна цел?

Во текот на овие 3 години континуирано напредувам и во моментов сум носител на втор зелен појас или 5-ти степен (кју), и се подготвувам во јуни да полагам за прв плав појас (4-ти степен).

Зошто се одлучи баш за каратето од многуте спортови и што е она што те привлекува?

Пред да започнам да тренирам карате со занимавав и со други спортови, но во каратето целосно се пронајдов. Каратето е спорт кој учи на дисциплина и самоконтрола, и го зајакнува и физичкото и менталното здравје. Иако кај многумина владее мислењето дека оној што знае карате знае да се „тепа“, всушност каратето е вештина за претворање на рацете и нозете во моќно оружје за самоодбрана. Има навистина многу причини поради кои јас се заљубив во каратето и посветено се занимавам со него, како на пример: ја зацврстува мускулатурата на телото и тоа добива правилно држење и став, го развива натпреварувачкиот дух, но на еден добар начин, затоа што тука подеднакво се учи и да се победува и да се губи, ја развива самодовербата, учи на ненасилство, учи да можеш да се одбраниш, но и да имаш голема самоконтрола, ги развива социјалните вештини и многу друго.Дали ќе може да ги споделиш со нашите читатели твоите досегашни награди?

Досега имам учествувано на повеќе меѓународни турнири каде што имам и забележителен успех. Би набројала некои: Меѓународен турнир „Ипон 2017“-Лесковац, Р. Србија – 3 место поединечно, Интернационален турнир „Металург 2017“ – Скопје – 2 место поединечно, Интернационален турнир „Солидарност Опен 2017“ – Скопје – 3 место поединечно, Интернационален турнир „Солидарност Опен 2018“ – Скопје – 1 место поединечно и 2 место во ката тим, Интернационален турнир „Фунакоши Опен 2018“ – Скопје – 3 место во ката тим, Меѓународен турнир „Охрид Опен 2018“ – Охрид – 1 место ката тим, Интернационален турнир „Струга Опен 2018“ – Струга – 2 место поединечно, Интернационален турнир „Фунакоши Опен 2019“ – Скопје – 1 место поединечно и 3 место во ката тим

Според тебе, што е најважно за постигнување на толку добри резултати?

За  да ги постигнам овие резултати ми беше потребно многу работа, но кога нешто се прави со љубов тогаш не е ни тешко. И секако успехот не ќе беше можен без посветеноста на мојот тренер Стефка Јанковска Петковска, како и безрезервната подршка на моето семејство.

Марија Сирвини

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.