Press "Enter" to skip to content

Свечена академија по повод 40 години универзитет “Св. Климент Охридски“ (фотогалерија)

-Вечерва 40 години Универзитет „Св. Климент Охридски“- Битола одбележа со Свечена академија на која говор одржа ректорот проф. д-р Сашо Коруновски.

-Доделени плакети на македонското собрание-Горан Мисоски, на Опптина Битола-Наташа Петровска, за успешна соработка на сите македонски универзитети и на фондацијата “Тома Фила“.

-Пред тоа беше потпишан меморандум за соработка со Универзитетот од Тузла, БиХ, отворена ретроспективна изложба, а на крај настапи и Влатко Стефановски.Нашите 40 години, беше насловот на Свечената Академија која се вечерва се одржа во Народниот театар во Битола, со која беа завршени свеченостите по повод големиот јубилеј на универзитетот “Св. Климент Охридски“, претсавник на македонскиот парламент, на која присутвуваа членовите на Ректоратот, Советот, деканите на УКЛО, градоначалнилката на Битола-Наташа Петровска, амбасадоротите не Франција и Црна Гора, почесните конзули, директорот на РЕК “Битола“-Васко Ковачевски, бизнисмени, академски граѓани, студенти…На свечената академија говореше ректорот на УКЛО проф. д-р Сашо Коруновски, кој се осврна на основањето и почетоците на Универзитетот, развојот и како тој ја гледа иднината.-Денес, 25 април 2019 година, на овој Dies Natalis, нашиот Универзитет навршува 40 години постоење. Огромна е честа да стојам тука пред вас и да ја имам таа привилегија да ви се обратам како 12-ти ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на еден толку возвишен чин како што е нашата Свечена Академија. Со чувство на заедничко задоволство да запреме за час, да го споделиме ова малку време и да го посветиме на овој исклучителен настан. А времето тече, годините  незапирливо минуваат. За некои филозофи, за некои физичари времето не се губи, не може да се одземе, ние само зборуваме за него, ние во него ги сместуваме нашите животи. Ние можеби имаме чувство дека го губиме. Тоа не минува ни пребрзо, ни пребавно. Тоа е само време, ништо само по себе, ако тука не се личностите што го освојуваат, го исполнуваат, живеат во него, љубат, работат, учат, подучуваат, студираат…, рече на почетокот Ректорот и продолжи:-Нашите 40 години. Една одлична бројка, сосема доволна за да немаме оправдување дека сме почетници, напротив, со сиот кредибилитет да испратиме порака што ќе биде слушната, разбрана. Да имаш четириесет години тоа сепак инспирира почит: години кога може да се анализира сопствената историја, да се размислува за сегашноста и луцидно да се подготвува иднината со нејзините препреки и предизвици, со сите прашања и одговори, помеѓу неизвесноста и надежта.-Од оној 25 април 1979 година нè делат четири децении. Период во којшто  Универзитетот во Битола – името со коешто беше основана оваа втора највисока академска институција во земјата, сосема заслужено се замени со името на големиот учител патронот св. Климент. Период низ којшто  УКЛО  во континуитет го градеше и надоградуваше својот профил и го калеше својот специфичен модус вивенди во функција на бројните промени во контекстот на делување, но и во сфаќањата, очекувањата.-Институциите социолошки гледано, во извесна мера се како луѓето, се раѓаат, се развиваат, раснат, но не мора и не смеат да згаснат. Не сме и не можеме да бидеме исклучок: низ четирите децении на нашето постоење, низ сите успони и падови, низ сите сцили и харибди, низ кризните и помалку кризни периоди, најзначајно е што сме  го прифатиле и сме свесни за фактот дека сме носители на вредности и на извесна визија за општеството, визија што ја остварувале илјадниците дипломирани како што впрочем ќе ја остваруваат утрешните активни граѓани, денешните наши студенти.-Со израз на огромна благодарност до сите што биле и се дел од овој Универзитет- моите претходници – ректорите и нивните тимови, бројните академски кадри, професори, наставници, истражувачи, асистенти, научници, до сите поранешни и сегашни вработени на УКЛО, со израз на посебна гордост предизвикана од бројката на повеќе од 35000 дипломирани на овој Универзитет, бројните магистрирани, докторирани кадри, нека овој 40-ти роденден обележи еден нов елан за да кон иднината пристапиме со доверба, и како што секогаш актуелниот Еразмо ни порачува –  без страв и колебливост, со зрнце лудост, а особено со амбиција, надеж и љубов…-Во 2019-то лето господово што тече, на овој убав празничен ден во пресрет на најголемиот христијански празник, како сведок на еден момент од богатата ризница на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, во својата реч се обидов да допрам, да споделам со вас, драги пријатели на нашиот Универзитет, дел од неговата историја, еден одраз на неговата сегашност и визијата за едно ново, подобро утре. На сите и од срце им го честитам Денот на основањето на Универзитетот, нашиот Dies academicus!, заврши Ректорот.Пред почетокот на Академијата се одржа ревитал во режија Јован Ристевски, а учествуваа актерите: Катерина Аневска Дранговска, Николче Пројчевски и Маја Андоновска Илијевски, која беше и модератор на Свечената Академија.Академијата беше надополнета со ретроспективна изложба со бројни и несекојдневни артефакти и фотографии кои ќе обезбедат слика за четиридеценискиот развој на УКЛО.Свечената академија беше  збогатена со концерт на Влатко Стефановски.УКЛО и со други бројни настани, работилници и предавања достоинствено ќе го одбележува својот голем јубилеј. Посебно место во случувањата ќе има Собирот на студентите од државата на 9 Мај, по повод Денот на европското обединување, што ќе се одржи на педагошкиот факултет. Претходно УКЛО одржа студентска недела со ораторски натпревар и спортско-рекреативни активности.

More from БитолаMore posts in Битола »