Press "Enter" to skip to content

Вип за најмладите со едукативна програма: „Интернетот не е само игра… Кликај безбедно“

Успешно завршен вториот циклус од едукативната програма „Интернетот не е само игра… Кликај безбедно“

Со завршувањето на училишната 2018/2019 година, Вип ја заокружи втората фаза од едукативната програма „Интернетот не е само игра… Кликај безбедно“, која годинава опфати близу 1.000 четврто – одделенци од 11 основни училишта во 11 општини во земјата.

„Ни претставува особена чест и задоволство што и оваа, втора година по ред, заедно со нашите партнери на проектот, Министерството за образование и наука и Бирото за развој  на образованието го поведуваме трендот за едукација на најмладите за тема која претставува неограничен ресурс за учење и надградба на идните генерации. Интересот од страна на учениците и наставниот кадар кој и оваа година не стивнува е дополнителна потврда за потребата од едукација и за ентузијастички пристап, особено за нашите колеги кои како волонтери се вклучуваат во овој проект” – изјави Елена Димовска, раководител на одделот за Корпоративни комуникации на Вип.

Во рамките на 60-минутните предавања, волонтерите од Вип, на интересен и забавен начин, преку практични примери и ситуации, на децата им ја доловија суштината на интернетот, со особен фокус на безбедноста при користењето на светската мрежа. Беа опфатени учениците од  четврто одделение во: Битола, Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Тетово, Гостивар, Охрид, Прилеп, Неготино и Гевгелија.

Проектот “Интернетот не е само игра…Кликај безбедно” е дел од иницијативата “Интернет за сите” на А1 Телеком Австрија Групацијата, која во Македонија започна во 2013 година. Во рамките на проектот, минатата година предавањата ги проследија повеќе од 700 четврто-одделенци, од 28 македонски и албански паралелки од 10 училишта од 8 општини на територијата на град Скопје, а активно беа вклучени и повеќе од 70 наставници, директори, педагози и психолози од училиштата. Целта на оваа иницијатива е преку различни алатки, програми и тренинзи, учесниците да ги стекнат неопходните компетенции за нивно вклучување во општественото живеење во ерата на дигитализацијата.

Едукативната програма „Интернетот не е само игра…Кликај безбедно“ е добитник на признанието во категоријата “Однос кон заедницата”, што го доделува Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и Министерството за економија.

Mission News Theme by Compete Themes.