Press "Enter" to skip to content

Горан Чобанoвски-сопственик на фризерски салони “Goran Coban Salon“ во Чикаго: фризурите се уметност и креирање форма, а мојот талент за уметност –  цртање  портрети ми помогнаа во  мојата професија

Автор: Жанета Ристевска

Се сретнавме со Горан за време на неговиот одмор во Битола. Интересен  соговорник, пред се вистински наратор. Со неговиот смирен глас и сликовито раскажување за миг ме пренесе во неговата животна приказна, слична на оние холивудски приказни, за постигнување на успех во работата и кариера. Слушајќи ја неговата животна приказна  внимателно и  постигнат успех поверував дека постои „American dream“ и тој го живее својот американски сон. Како што тој  ми кажа:

-Со среќа коцките да се наместат, правилен избор, превземање на ризик, но пред се многу работа, истрајност и покрај тешки животни услови, талент и да се работи она што најповеќе се сака.Јас би додала  пред се вистински карактер со висока емоционална интелегенција за соживување со другите луѓе. Особено денес како сопственик на две познати фризерски студија „Goran Coban Salon“ на сред Чикаго, во “Америка“ каде работи со 30 вработени и голем број клиенти од кои многу редовни, a сите треба да се задоволни.

-Јас како радар ја чувствувам енергијата во моето студио и кога нема позитивна енергија заради икс причини, јас правам еден круг околу фризерските столови и со сите дали со вработените или клиентите ќе поразговарам и да се покрени таа енергија, која се разбира зависи од нас во студиото. Секако многу ми е важно секој клиент да излезе задоволен од салонот од нашите услуги. Со  својата фризура и стајлингот на коса. Сметам дека фризурата е многу значајна, формата која и го истакнува лицето, контурите и убавината. Впечаток кој ќе го остави како личност. Како  и нема да бидам кога потекнувам од град каде модата е на прво место и во смисла на облека, шминка и фризура. Тоа е дел и од нашето битолско воспитување.

Да ја започнеме приказната на нашиот соговорник кој уште на 12 годишна возраст храбро зема ножици во рака, и има свои муштерии секој ден…  Денес тој е сопственик на два фризерски салони „Goran Coban Salon“ во центар на Чикаго со своја линија на шампони Goran Coban/Beauty.

 Mојот соговорник Горан Чобанovски ми раскажува за детсвото и тинејџерските години…-Уште како дете во моето мало “Ушици“, додека другите играа фудбал или играа бељот, мене не ме интересираше тоа, а да бидам искрен не ме бидуваше за трчање и играње фудбал. Повеќе сакав да седам дома и да цртам. Најповеќе цртав портрети со молив, така стекнав чувство за форма и димензија. Модели ми беа прво моите од дома, а потоа и комшиите, кои се сеќавам дека стрпливо седеа , и со саати за да ги цртам. А потоа им го давав потретот и беа многу задоволни дури и си ги урамуваа. Со цртањето некако ги проучував деталите на лице, чело, веѓи, коса кое понатаму ми помогна  во креирање на  форма и облик  на фризури. Во тој период на мои 12, 13 години кога во тинејџерските години идоли ми пејачи, групи кои ги гледав на “MTV“ и западните телевизии и оттаму ги гледав и модните трендови за фризури во тој период.Прв  модел за стрижење и стајлинг од “MTV“…

-Тогаш без и малку трема храбро со ножиците најпрво го истрижав мојот помал брат Ниче,  сега познат на битолчани како сопственик на кафулето “Аеро“ на Широк Сокак, кој кога излезе на улица воведе нова мода во фризура и после тоа дојдоа неговите другари. Потоа ги стрижев сите од моето маало “Ушици“ кои беа мои модели и можам да кажам дека први носеа модерни фризури по последни модни трендови. Се сеќавам  дека мојата мајка се нервираше за нередот во куќата, каде јас имав еден мини салон. Но, да кажам дека тоа го правев од задоволство и ќеф, без некоја материјална награда, доволно ми беше што некој ќе беше задоволен од стајлингот на фризурата. На ден имав и по десетина “муштерии“. После завршување на основното образование сакав да продолжам на уметничко училште во Скопје, но кога не ми се исполни желбата односно не ме пуштија од дома, јас како да се разочарав и продолжив да учам во гимназија, но без некој ќеф. Продолжив со мојата љубов цртање на портрети која ме исполнуваше.Фризерски курс во Работничкиот универзитет…

-Некаде кај 2 година од средно училиште, повторно понесен од мојата желба за стилизирање на коса и фризури случајно видов оглас за курс за фризери. Веднаш започнав и успешно го завршив. Тогаш сите фризери беа од женски пол освен берберите кои стрижеа машки. За ментор ми беше фризер Тина која има дуќан во старата битолска чаршија, а учителка во “Работнички универзитет“  ми беше Вера од познатиот фризерски салон „Vera Грација“, а морам да споменам дека од нив научив многу. Потоа заминав во војска и во тој период излезе познатата лотарија за амерички визи. Се пријавив и во одреден рок добив виза и заминав на 21 година во Америка.

Животот во Америка…

-Во Америка заминав на 21 година сам кај фамилијата Вера и Јове Наумовски во Рочестер, држава Њу Јорк, кои беа наши куќни пријатели и ме примија како родители. Многу голема поддршка имав од нив на почетокот во туѓа земја. Чувствувам до ден, денес голема благодарност кон нив и многу други Македонци кои несебично ми помагаа, а морам да го спомена, семејството Дурмишовски со потекло од Битола. Од почетокот работев се и сешто како и секој кога ќе дојде во оваа голема ветена земја. Променив повеќе работи од почеток работник во фабрика, шофер на камиони, келнер… Но, мојата уметничка душа не мируваше. По некое време во 2001 година се преселив во Чикаго, а таму по одредено време започнувам да работам во берберски дуќан на еден италијанец. Од искуството здобиено тука, полагам и добивам „Barber licence – State of Ilinois“. Со тоа како да настапува една пресвртница во мојот живот во Америка.Животна пресвртница и животен предизвик – вработување во салонот „VIDAL SASOON“ во центарот на Чикаго…

-Сите случувања понатаму можам да ги препишам и на среќа, но и донесување   правилни одлуки во прав момент во животот. Секако упорност, истрајност во тешки услови но и многу, многу работа. Најзначаен момент го сметам моето вработување во салонот „VIDAL SASOON“ во центарот на градот. Тој беше еден од големиот број на салони низ целиот свет од овој бренд познат по високите естетски принципи и високиот квалитет. Името го добиле по  основачот на салоните „VIDAL SASOON“. Сопственик  на цела низа на салони низ светот  евреин со потекло од Солун, култен фризер во 50 и 60 години на минатиот век популарен по  фризури на кратка женска коса. Крајно феминистички и шик во тој период кога ги воведува. Тој станува познат и во Холивуд со кратката фризура на глумицата Миа Фараоу во филмот „Rosemary’s baby“, кога и станува мега популарен. Неколку женски фризури како и „Боб фризура до врат“го носат неговото име. Видал Сасун и одбележа една индустрија за производи за нега и стилизирање на коса. Во тој салон јас ги научив сите принципи на работењето на т.н. „VIDAL SASOON“модна индустрија за нега и стилизирање на коса. Од почеток работев како асистент за потоа да бидам и стилист за коса. Тука останав три и пол години и можев уште да напредувам, но по зборовите на мојот менаџер во салонот, познатиот Паскал, дека јас и како најуспешен тука во салонот нема да бидам свој и препознатлив како „Горан Чобан“. Туку  ќе бидам познат стилист но под називот на салонот “Vidal Sasoon“ без сопствен бренд. Тој ми даде поттик да размислувам за свој бизнис и тука повторно среќата како да се отвори и јас барајќи стан за да се преселам од еден кварт кој беше доста сомнителен и небезбеден, јавувајќи се на еден оглас случајно наидов на фризерски дуќан кој се издава.

„American dream“… Отварање на сопствен фризерски салон “GORAN COBAN“…

-Охрабрен од менаџерот на “Vidal Sasoon“, големиот фризерски мајстор Паскал, кој имаше голема доверба во мене, после двоумење изнајмувам фризерски салон. Тој се наоѓа на втори спрат, со три фризерски столици и бараше само мало реновирање. Тука да кажам  дека и газдата кој го издаваше салонот, Илај Ел Газар, ми излезе во пресрет околу плаќањето на кирија за почеток односно првата година. Тоа не се заборава. Од почеток тоа ми беше и место каде престојував, спиев и тоа во  задниот дел, а во предниот беше фризерскиот салон каде работев. Тогаш имав 26 години и се чувствував како да можам се. На почеток се разбира дека беше тежок период, додека се привлечат клиенти.  Се сеќавам дека направив флаери со име на салонот „GORAN COBAN“ и ги ставав на автомобилите со услугите и цените. Така секој ден се здобивав со се поголем број на клиенти. „STUDIO COBAN“ во Чикаго и високите естетски критериуми на “VIDAL SASOON“, но со нова и поинаква енергија …

-Во моето студио “ COBAN“ ги пренесов сите високи критериуми, знаење и искуство, но тука ќе кажам дека енергијата која вледееше во салонот на “VIDAL SASOON“  беше за мене некако крута каде кога доаѓаа клиенти кои беа богати, надмени ги услужуваа поинаку од оние кои не беа такви. Односно другите клиенти некако ги гледаа поинаку како од високо. Мене не ми одговараше ваквиот пристап на работа како карактер и поучен од тоа искуство, во мојот салон воведов многу поинаква енергија,  атмосфера и дух. Поопуштена секој кој ќе дојде најпрво да се чувсвува убаво и опуштено, за потоа да и изгледа така. Кај мене доаѓаа и доаѓаат и многу богати познати клиенти но им помагаме и на бездомниците кои ги има многу… Имаме најразлични профили на клиенти од пол, возраст, раса, националност, социјална положба, стил на облекување, пропипадност на различни групи… Тој дух го задржав сите години на успешно работење на салонот кој работи 15 години, сега со 10 фризерски столови. Потоа се проширивме бидејќи се бараше термин повеќе и ни беа потребни повеќе фризерски столови. Затоа се  отвори и втор салон “GORAN COBAN“ во центарот на Чикаго сместен помеѓу  “Tramp Tower“  и “Langham Hotel“ кој работи 8 години со 20 фризерски столови. Тој е модерно наместен салон и се уште ги следиме високите критеруми на салоните “VIDAL SASOON“  во смисла на квалитетни средста за нега на коса и следење на модни трендови.

Инспирација за  стајлинг на фризури и модни трендови…

-Нашите салони ги следат модните трендови за нега на коса. Можам да кажам дека бевме меѓу првите, ако не и први кои го воведовме  “балајаж“ стилот за нијансирање на коса. Во последните трендови многу популарна е долгата коса, но јас преферирам кратки женски фризури кои ми се предизвик. Сметам дека само храбра жена може да носи и кратка коса која и треба да е убаво обликувана. Во смисла за инспирација за фризури, јас, често сакам да експериментирам и сакам ново односно нешто што го воведуваат младите. Заради тоа и често одам во квартови каде излегуваат млади и од таму секако преземам некој стил  на нови фризури.Препарати за нега на коса и ваша линија на шампони на природна база…

-Линијата на шампони на природна база дојде сосема спонтано. Во нашата секојдневна работа со разни препарати увидов дека голем дел од состојките се многу штетни и јавуваат алергии. Заради тоа неколку години го поминав во приучување на хемискиот состав на шампоните за да произлезе и рецептура која како идеја му ја пренесов на хемичар од една лабараторија. Така и произлезе линија на шампони на природна база Goran Coban/Beauty.  Следуваше дизајн, кој на моја идеја ја усоврши Кирил Гагачев, и добивме квалитетни шампони кои се продаваат во ограничени количини во нашиот салон. Нашите клиентите кои веќе ги пробале ги купуваат редовно.

Планови во иднина…

-Морам тука да кажам дека сонувам за куќа на фарма или планина во мир, тишина и здрав начин на живот. Таму да го поминувам времето со моите најсакани, а тоа се мојата сопруга Габриела и ќеркичка Филипа. Изгледа дека брзиот начин живот за сите овие години и почна да ме заморува. Работам и по 12 сати на ден со многу луѓе и вработени и клиенти и сметам дека сите треба да се задоволни, а тоа е сепак напорно. Верувам дека соништата се остваруваат. Мојот совет до младите битолчани е да не се плашат да сонуваат за големи работи. Ако идеите ви се добронамерни и искрени ќе ви се остварат! Добро е што и мојата сопруга работи во салонот со мене и е моја инспирација или „тајно оружје“ која ми дава енергија да издржам во тешките моменти. Со зеднички сили ги живееме убавите, но и тешките моменти во нашиот заеднички живот. А, нашата ќерка е дар од бога, која ни го разубавува животот.Неговото прекрасно раскажување вистински ми ги доловија сите моменти од неговата интересна животна приказна. Како и нема да биде успешен кога цело време го слушав и останав без текст. Инспиративна приказна дека се се може ако упорно ги следиш своите соништа и го работиш она за што си природно надарен. А среќата доаѓа спонатано од задоволството при работата.

Фото: С. Ристевски

Ентериер: кафуле “Аеро“-Широк Сокак

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »
Mission News Theme by Compete Themes.