Press "Enter" to skip to content

Ангела Јанкуловска – ракометар на ЖРК Пелистер, младинска репрезентативка, давам се од себе на теренот

Битола град на ракометот и од секогаш  произлегувале таленти во овој спорт. Еден од нив е младата ракометарка Ангела Јанкуловска која со  свои 16 години игра за  кадетската и младинската репрезентација на нашата земја и ќе не претставува во странство…  На теренот многу успеси,  меѓу кои и титула „Најдобар играч MVP Most Valuble Player“. Започнува  да игра ракомет на 6 години, а се зачленува во школа за ракомет на 8 години,за да на 13 годишна возраст заигра во ЖРК Пелистер и во Супер лигата на државно ниво. Со тоа и натпревари каде  таа игра против големи имиња во македонскиот женски ракомет, ракометарки кои биле зачудени од возраста и воодушевени од борбеноста на малата Ангела. Потоа добива повик да игра за кадетската  и младинската репрезентација како една од најмладите ракометарки во државата.

Најмлад соговорник во моите разговори. Со  своите 16 години наскоро 17, таа е ракометарка  која лавовски се бори на теренот, како што е и нејзиниот хороскопски знак. Упорна, храбра и борбена на теренот која  на  свои 13 години играла против големи имиња во женскиот ракомет како Пенезиќ, Лекиќ…  Со своите години размислува зрело и сериозно. Со тоа сметам дека заслужи свое место во интервјуата со личности кои имаат што да ни кажат. Но да почнеме од почеток за нејзината љубов – ракометот

Кога започна да играш и зошто токму ракомет ?

-На иницијатива на мојата постара сестра Ана која тренираше ракомет  во салата на горната гимназијата и јас одев со неа на тренинзите. Тогаш имав  6 години и започнав и јас да играм во тимот. Посериозно да тренирам беше на мои   8 години кога се запишав   во школата за ракомет HJS( Handball Junior School)  кои ја водеа ракометарите Иван Марковски и Александар Зарков. Се сеќавам се запишав точно на 1.04. 2011 година, тоа беше пред 8 години, и од тогаш,   упорно со љубов тренирам ракомет.  Морам да кажам дека од моите тренери кои беа успешни ракометари во тоа време,  научив многу и тие многу правилно ме насочија и препознаа мојот талент.Започна да тренираш многу мала, дали некогаш сакаше да се откажаш односно ти беше напорно постојано да одиш на тренинзи ….

-На тренинзите во школата мораше да се биде редовен, и да тренираш напорно. Но секогаш одев со голема желба и се сеќавам дека тренинзите,  не ми беа  напор. Едноставно сакав да играм ракомет. Морам  да кажам дека без да дадеш се од себе  и откажувања нема успех. Искуството во  школата HJS беше многу значајно и сигурно ме насочи кон овој спорт правилно. Овие тренинзи ме поттикнаа да играм ракомет и понатаму.

После школата кога и како започнуваш да играш за ЖРК Пелистер?

-За екипата на  ЖРК „Пелистер“ започнав да играм  на  13 години и бев   една  од најмладите ракометарки во клубот. Во натпреварите  за Македонска Супер лига играв  против успешни женски екипи во ракомет на ниво на државата. Многу  натпревари со  клубови како ЖРК „Вардар“ ЖРК„Металург“ и други. Тогаш  воопшто не ми беше  важно колку години имам, бидејќи играв со голема љубов.

Натпревари во Македонската Супер лига против познати клубови и докажани ракометарки тука се  Индира Кастратовиќ тренер на ЖРК Вардар, потоа Пенезиќ, Лекиќ… Кажи ни повеќе околу ова.

-Морам да кажам дека додека тренирав од мала возраст го пратев женскиот ракомет и имав свои идоли успешни ракометарки како Пенезиќ, Лекиќ, Лазовиќ. Чест ми беше да играм против нив и некако чувствував дека треба уште повеќе да бидам добра за да се докажам против нив. Изгледа чувствував некаква одговорност пред нив. Сето тоа влијаеше на мојата самооверба во играта и јас се борев на теренот.

 Сезоната 2017/18 значајна за твојата кариера и прогласена за најдобар играч MVP Most Valuble Player…

Таа сезона успешно ја завршивме како клуб и екипата на ЖРК „ Пелистер“ се пласира за Chalenge Cup. Сезона 2018/19…и натпревари во Chalenge Cup … Во оваа сезона веќе се пласиравме и заигравме против клубови на меѓународно ниво и тука би го споменала нашиот тренер Викторија Блажевска која е заслужна за нашите успеси. Во овој куп имавме две победи на натпреварите против екипата на Малта. Една дома и кај нив во Малта. Потоа игравме два натпревари против екипата на Наиса од Ниш, но нив ги изгубивме.Успешна сезона 2018/19 и покана од кадетската и младинска репрезентација на дражавно ниво.

-Во оваа сезона најпрво  добивам покана да играм за младинската репрезентација на нашата држава со која одигруваме пријателски натпревар против репрезентацијата на Бугарија и победуваме. Ова лето ќе патуваме на квалификации во Литванија. Потоа добивам и покана од кадетската репрезентација на државата. Со оваа репрезентација ме очекуваат квалификации во Италија. Со тоа уште на 24 јули јас патувам  во Скопје на подготовки. Сето ова ми дава голем  поттик за напорно тренирање и понатаму.

-Покрај спорт ракомет и успеси, ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“   како ги усогласуваш обврските на училиште, тренинзи и натпреварите…

-Се разбира јас сум и ученичка и морам да учам исто така напорно,  како што тренирам. Тоа што го губам морам да го надокнадам со повеќе учење дома. Обично учам до доцна после тренизни. Заради тоа немам многу слободно време, бидејќи цело ми е организирано. Но сепак сакам да се дружам со моите врсници, слушам музика и пратам социјални мрежи. Исто така и ракометот ми овозможува и едно поинакво дружење со спортисти и нови пријателства со личности кои водат сличен живот како мене. Така да имаме многу заеднички теми за разговори и дружења.Планови во иднина

-Би сакала да играм за странски клубови особено европски како Данска, Германија или скандинавските земји каде мислам дека се игра  ракомет на професионално ниво.

Пред да замине на квалификации во  кадетска и младинска репрезентација и неколку  неофицијални покана од други ракометни  клубови, таа ќе наполни 17 години и пред неа  „цел свет“. Истрајна, упорна и борбена како што и ја опшав на почетокот на интервјуто, вистинска „лавица“ на теренот. Пред неа уште голем број успеси и интервјуа. Мило ми е што јас го направив првото и оставам простор за да пишуваме и понатаму за нејзината успешна ракометна кариера која и ја посакуваме.

Ж.Ристевска

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »