Press "Enter" to skip to content

Денес е Вртолум, ден кога Сонцето се врти кон зима

Денес православните христијани го празнуваат големиот празник посветен на Светите апостоли Вартоломеј и Варнава, или кај народот познат како Вртолум, а во народното верување ден кога сонцето се врти кон зима. 

Меѓу празниците од летниот период од годината важно место има празникот на светите маченици Вартоломеј и Варнава, кој е во народот познат под името Вртолум, што се празнува на 24 јуни според новиот, односно на 11 јуни според стариот календар.

Овој ден народот го поврзува со вртењето на сонцето. Имено се верува дека на овој ден сонцето се врти кон зима. Многумина дури верувале дека тоа е видливо, поради што гледале во сонцето за да виделе кога тоа ќе застанело и ќе се завртело, а некои тврделе дека и тоа и го виделе.

Во некои наши краишта овој ден се смета за тeжок празник поради што не се работи никаква работа. Според народните верувања, на овој ден не треба да се работи, бидејќи постојат можности за пoплaва, град и олуја. На Вртолум, според народните верувања, нe cмeeте да се качувате на дрва, и нe смeeте да се капете во река.

Првиот, Вартоломеј, е еден од 12-те врховни апостоли, а вториот, Варнава, од останатите седумдесет. Вартоломеј проповедал заедно со апостол Филип во Азија, а потоа и во Индија и Ерменија, каде пocтрадал мaченички.

Житието сведочи дека светиот апостол Вартоломеј поради проповедање на Христовата вера бил распнат на крст со главата надолу, но се спасил затоа што во тоа време настанал голем земјотрес во кој загинале тие што го мачеле, како судиите така многу народ, а тој останал неповреден. Тоа се сметало за Божја казна кон оние што го клеветеле и што го суделе. Потоа Евангелието го проповедал во Индија, каде што го превел на тамошен јазик Евангелието по Матеј. Потоа се вратил во Еременија каде што од завист поради тоа што ја излекувал царската ќерка од лудило е распнат на крст, одрана му е кожата и отсечена му е главата. Неговиот спомен се празнува на 24 јуни, заедно со споменот на светиот апостол Варнава.

Светиот апостол Варнава (Јосиф), од Кипар, пак, е еден од седумдесетте Христови апостоли. Првото име му било Јосиф, а Варнава е наречен подоцна. На околината оставал впечаток со тоа што ги тешел луѓето, а Варнава значело Син на утеха. Христијанската вера ја ширел и Евенгелието го проповедал заедно со Апостолите Марко и Павел во Антиохија, Рим и Милано. Настрадал на Кипар од Евреите и бил погребан од Марко заедно со Евангелието по Матеј кое што за време на животот го препишал на рака.