Press "Enter" to skip to content

Филип Стојчевски, нов претседател на Ротаракт Клубот Битола Широк Сокак

На почетокот на новата Ротаријанска година, се изрши промопредавање на претседателската функција во Ротаракт Клубот Битола Широк Сокак, а за нов претседател е избран Филип Стојчевски, сопственик и извршен директор на винарија “Чифлик“.

Филип Стојчевски доаѓа на местото на Гоце Стојановски, во чие претседателствување  Ротаракт Клубот Битола Широк Сокак заокружи уште една успешна и плодна Ротаријанска година, со многубројни општествени проекти, како што се поделени 2,400 топли оброци и преку 120 пакети разновидна храна на социјално ранливите семејства во Битола, санација на дел од плафоните во заводот за рехабилитавија “Кочо Рацин“, донации и реновирање на холот при Детското одделение во Болницата кое е во тек и  други.

Новиот претседател Стојчевски, во Ротаракт Клубот Битола Широк Сокак е од самото основање во 2014 година, а во неговото си-ви се запишани голем број на едукации, активности и работни ангажмани, а за себе ќе каже:

-Средно школо запишувам во Гимнзијата “Јосип Нроз Тито“ во Битола, но за две години решавам да го продолжам и завршам средното образование во (Енид, Оклахома) САД. На 17 години се враќам и се запишувам на Економскиот факултет во Скопје каде дипломирав на отсекот Е-Бизнис. Магистерските студии ги продолжив во Антверп, Белгија каде на 22 години магистрирав на смерот менаџмент, иновација и претприемништво при “Antwerp Management School“. По враќањето се запишувам докторски студии по претприемништво и менаџмент на мали и средни претпријатија. На своја 23 година започнав со работа во “Филип Морис“, каде што официјално почнува мојата професионална кариера. За временски период од 3.5 години променив неколку различни и клучни позиции, воедно ова беше една од најбитните фази во досегашната кариера затоа што корпоративниот свет и интензитетот на одвивање на работите во истиот придонесоа за голем развиток на лично и професионално поле. Во 2017 година по многу размислување и со тешко срце решив да ја напуштам компанијата и да се вратам во Битола посветувајќи се на фамилијарниот бизнис, при што и самиот запливувам во бизнис секторот отворајќи ја винарија “Чифлик“ како сопственик и извршен директор. За плановите во новата ротаријанска година, Филип Стојчевски вели:

-Во новата ротаријанска година за време на мојот претседателски мандат планираме да се продолжи со успешната работа на клубот преку неколку фокусирани проекти кои ќе имаат импакт и трајно значење за нашиот град. Подмладување на членството со цел да се создаде квалитетен тим кој ќе функционира успешно и по нашето преминување во Ротари. Интензивирање и продлабочување на соработката со останатите ротаракт клубови како од Битола така и ширум државата. И за крај значаен фокус во помагање за решавањето на проблемот со загадениот воздух во Битола, преку еден покрупен проект кој ќе биде во координација со нашиот Менторски клуб Ротари Клуб Битола Широк Сокак, а со кој јавноста ќе биде запознаена но и повикана во периодот што доаѓа.

На примопредавањето на претседателската функција во Ротари Клуб Битола Широк Сокак, за нов член на клубот беше оримен Дејан Геровски.

Mission News Theme by Compete Themes.