Press "Enter" to skip to content

Африм Јусуфи, тренер на велосипедистите на “15 мај“: сакам Битола да има стотина натпреварувачи и огромен број битолчани на точак

Кога, сега, се зборува за натпреварувачкиот велосипедизам ви Битола, прво име на кое ќе помислите е името на Африм Јусуфи, кој целиот досегашен спортски ангажман му го посветил на овој спорт. Сега е тренер на велосипедисите на “15 мај“ од нашиот град и член на органите на македонската велосипедска федерација и организатор на трки во Битола. За неговиот сегашен ангажман Африм вели:

-Правилото, кога еднаш ќе научиш да возиш не се заборава, кај нас кои се занимаваме со овој спорт е повеќе од тоа, кога ќе се качиш на велосипед и ќе се натпреваруваш адреналинот останува до стари години. Така е и кај мене од 1988 година кога започнав да се натреварувам во велосипедскиот клуб “Коле Канински“. Чивијата, по битолски речено  точак, останува цел живот, а сега се трудам што повеќе млади битолчани да ги “заразам“ со возење на велосипед. Секако сакам прво да бидат натпреварувачи, но сум среќен и кога ќе се откажат од трките да ги гледам на велосипед низ град или на некои потешки патеки. Сега тренирам повеќе од дваесетина млади битолчани од кои осумнаесет се во натпреварувачка конкуренција и имаат одлични пласмани.Клубот “15 мај“ е продолжение на клубот Пелистер кои исто така го има Јусуфи формирано со неколку заљубеници во овој спорт, а е формиран во 2015 година.

-Прво клубот кога јас возев беше “Коле Канински“, па се растури за во 1993 го формираме Пелистер. Таму имавме доста добри резултати до 2010 година и клубот престана да постои. Во 2015 година е формирам сегашниот клуб “15 Мај“ со кој можеме да се пофалиме со повеќе работи кои ги правиме за нашите членови. Прво во клубот се добредојдени сите, не се плаќа членарина и велосипедстите немаат никакви обврски кон клубот. Ние им обезбедуваме, прво велосипед за натпревари, дресови и друга опрема, ние им ги сервисираме и поправаме велосипедите, а членовите немаат никакви трошоци за патување и храна кога се натпреварите, без разлика дали се во Битола, Македонија или во странство. Ние не сме многу богат клуб, со кој знае колку пари, но сакаме велосипедстите да се бидат вистински спортисти, да размислуваат за трките, а не како од дома да побараат пари за превоз, пари за храна, сок и вода. Сакам да кажам и тоа дека пред некој ден во клубот дојде битолчанче кое сакало да се натпреварува. Му даваме велосипед, опрема, а имавме и нови патики кои за среќа му беа точни. Татко го вади новчаникот да плати, му кажуваме дека не треба и стои зачуден десетина минути и ни вели да не правиме шеги со него. Така функционираме и така ќе продолжиме, ова е договорено со претседателот Владимир Стојковски и со членовите на Управата, вели со задоволство Африм, кој за резултатите вели:

-Резултати имаме одлични и тоа во младински категории, што е наш акцент во работата. Можам да кажам дека во тие млади категории сме најдобри, но на екипен план се бодуваат сите категории. Немаме велосипедисти во сениорска конкуренција, таму имаме мањак бодови, но сме одлични во мастерс категориите. Мислам дека овој начин на работа не носи прво место ќе продолжиме вака, да ги форсираме младите и да имаме што повеќе. Мене и на клубот ни е посебно задоволство кога гледаме наши деца во дресот на репрезентацијата, кога се борам рамо со многу побогати и поопремени велосипедисти од други држави. Посебно ни е мило кога ќе ги видиме на победничкото место со медал, кога се пресреќно и само нивниот подглед кажува колку се задоволни од тоа што победиле.Велосипедскиот клуб “15 Мај“ организира беше домаќин на неколку трки оваа сезона. Организираа вело-крос низ паркот, ридско брзинска трка од Битола до Ниже Поле.

-Во соработка со федерацијата бевме домаќини и организатори на две трки во Битола, а преговараме за уште две-три. Една ќе биде кружна трка по Булеварот од Саат кулата до Црн мост по двете страни на Драгор, другата ќе биде маратон, а третата ќе биде нешто потешка на потежок терен, но за неа подоцна. Маратон ќе биде отворен, а освен натпреварувачи ќе има и рекреативци, се со цел да има повеќе битолчани на велосипед. Нашите велосипести ќе ги возат сите трки кои се на календарот на федерацијата, а преговараме за еден необичен маратон од Битола до Истанбул, кој ќе го возат пет-шест или десетина велосипедисти, кои на пет дена треба да стигнат до таму.За крај дали сте задоволни од тоа колку има битолчани на точак?

-Јас како поранешен велосипедист, репрезентативец на Македонија и Југославија, на два пати во најдобрите спортисти на Битола, нема да бидам никогаш задоволен од бројката на битолчани на точак. Точакот, пак по битолски, според мене е најдобриот спортски реквизит за сите од 3 до 103 години. Кој може да се качи на точак да не се мисли ни секунда, без разлика дали е в град, низ поле, на планина, по работа, за шетање, за ќеф. Има напредок во вело-културата на битолчани, кај ќе поминеш има паркиран точак, но за жал се повеќе низ градот има моторцикли. Битола е град за велосипеди, бидејќи ништо не е толку далеку да не се стигне за 10-тина минути. Да се повторам, се подобрува здравјето, не се загадува, се штеди на гориво… Посакувам да има континуирано субвенции за велосипеди, да има вело-патеки, безбедни места за оставање на велосипедите, да имам стотина членови кои ќе возат и ќе бидат препознатливи низ градот, на училиште деца да не одат со такси за неколку стотина метри, …, вели Африм Јусифи,  додава:

-Ние како клуб сме отворени за сите битолчани на секој план. Прво со совети каков велосипед да купат. Не е секогаш битна цената на велосипедот, туку функционалноста. Тука сме за секакви совети, тука е лекарот кој ќе им каже повеќе за тоа како да возат, каде да возат. Оние битолчани кои сакаат да возат подалеку, им организираме вело-тури до Преспа, Мариово, Охрид, со наше возило ги следиме по патот, им пуштаме со нив искусни велосипедисти, ако имаа проблем им помагаме, и да повторам за тоа не бараме никакви пари, ни за гориво, ни за возила ниту за придружба, сите тие се наши, битолчани и сакаме да ни бидат пријатели на клубот, вели Африм на кој му посакуваме да му се исполнат желбите за на сите да ни биде подобро на тој план.

Сашо Ристевски