Press "Enter" to skip to content

Илинден во Лазарополе, таму најгоре, каде мијаци изградиле крстови до облаци (фотогалерија)

Градат мијаци крст до облаци,

Илинден е голем празник, да се прослави,

да ни дојдат сите горе во Лазарополе,

да се собере мијачијата…

е рефренот на песната која цел ден на Илинден се слушаше низ цело Лазарополе, проследена одвреме на време со пискавиот звук на зурлите и тешките удати на тапаните на Мајовци.  Природната местоположба на селото, односно ехото му помагаше на стиховите да стигнат до ушите на сите “лазоровци“ кои беа дојдени да го прослават празникот на Свети Илија, денот на селото. Песната која пред 10 години ја испеа Сузана Спасовска, во чест на поставувањето на крстот од страна на лазоровецот Мирко.Во Лазарополе, на сите на 2 август на Илинден, им одѕвонуваат во главите, зурлите и тапаните кои биеја сред село во длабоко во ноќта, а започнаа попладне, најавувајќи го Илинден со “Тешкото“ одиграно пред задруга, прво од најдобрите играорци, а потоа и од другите до најмалите на кои традицијата им се пренесува од постарите генерации. На звуците на зурлите и тапаните никој не е равнодушен, кај многумина солзи, морници низ телото, се слави Илинден.А таму, на Илинден, во село Лазарополе, беа дојдени сите, без разлика каде живеат сега и што работат. Сите беа на своите прастари, дедови огништа, и како што и секогаш бива си прикажуваа, кој од која фамилија е, како е тој и тој, дали е жив оној… но, на Илинден сите лазоровци се браќа, мијаци, па така и ние потомците на Патеровци, на Рафевци…А, сите без разлика од каде доаѓаат, прво на Илинден се најдоа во црквата “Св. Ѓорѓи“ да си го честитаат Илинден, да си посакаат да го слават многу години. По службата на монасите од “Јован Бигорски“ се пресече “коматот“ и беше поделен на сите за здравје. А метежот од Горносело се пресели пред “Калин“ хотел.Но, немаше метеж само во горносело, туку насекаде низ “полето на Лазо“. Како и секој Илинден, секоја куќа беше отворена, а дворовите беа полни со луѓе. Сите порти се отворени, а домаќините ве канат на кафе, на муабет, да се запознаете, од каде се корените, а не ретко се случува предците да им биле побратими, деленици. Наши домаќини беа Дракуловци-Ристевци, стари лазоровци, кои не поканија, а таму во куќата три генерации, но сега како одминуваат времињата се измешале. Домаќинот, Душко Ристевски, пензиониран професор од Педагошка во Битола, лазоровец, не пречека со најголем мерак, како што го прават сите таму, горе, на Илинден.Душко сега има куќа кај поранешното летувалиште, а комшија му бил Анте Поповски, на што е посебно горд, а ја доградува куќата, како вели да има место за сите.-Се мислевме каде да градиме, дали старата куќа горе, или пак да средуваме некоја друга. Се одлучивме за оваа тука, полека ја дотеруваме. Тука сме околу стотина дена, а за мене нема поубаво место. Тука сум на свое, со внучињата, со планините, со ливадите… вели Душко.Христина, сопругот Гоце и братот Христијан, деновите ги поминуваат уживајќи во убавата природа. Ги имаа искачено сите околни врвови, со велосипед биле и онаму каде не може да се вози, а продолжуваат со тоа секојдневно.Гостипримството на Душко, на сопругата Мира (Душаница по лазоровски), ќерката Христина, зетот Гоце, немаше крај, но следуваше нова покана малку погоре од други лазоровци, а Душко ни вели, одете детето е само во куќата, неговите останаа во Скопје, а сака да има гости во куќата, таков е адетот за Илинден. Мартин Банго и Кристина беа  вистински домаќини, на природниот чардак во дворот со преубав поглед кон широките ливади и планини наоколу поставени  маси со богата трпеза за  гости на Илинден, и за непознати, но сите сме наши кога во вените тече мијачка крв. Но, по некое време домаќинот и ние гостите се чуствуваме како да сме тука еден век, а се роди ново пријателство кај стари лазоровци, кој знае која генерација.Оние кои ги немаат обновено старите паднати куќи, сега се наоѓаат во хотел “Калин“ кој е изграден на темелите на старата задруга. Според квалитетот на тоа како е направен и услугата може слободно да се носи со сите хотели од висока категорија. Секогаш кога ќе влезам во хотелот ме потсетува на Томе Перински, кој ги изгради со неизмерна љубов кон Лазарополе, со старо мијачко потекло, од лазоровци оправдано го имаше добиено епитетот кмет на Лазарополе, и неговите зборови кој ми кажа пред точно десет години:-Сакам не само на Илинден, туку и други денови селото да е полно, да се вратат сите макар на еден ден, да ги обноват куќите, да се тука, а дека лазоровци можат тоа да го направат докажале илјада пати.Кога ќе ги поминете последните пет километри до Лазарополе, од Бошков мост, преки Елен  скок и стотината кривини, кога се качувате нагоре, во висините, ниту “на сон“  не ви доаѓа што може таму да видите. А таму ве чека висорамнина, можеби единствена на овие простори и пошироко, толкава рамна површина на толкава висина. Зелената површина на која пред стотина години се белеа илјадници овци, сега останала само зелена. -Денес, на Илинден нема ниту трага од стадата кои се напасуваа на овие површини, ниту трага од овчарите кои ги напасувале овците, ниту трага од десетиците чивта зурли и тапани кои секојдневно го “дувале и тропале“ “тешкото“, но останале сеќавањата кај повозрасните за некои времиња не така далечни, останале приказните за дедовците, за гурбетчиите, за свадбите на Петровден, за мајсторите зографи, за војводата Ѓурчин Кокале, Зограф… со тага раскажува професорот Душко, Дракулевски-Ристевски.Традицијата која сите во Лазарополе многу ја почитуваат, лазоровци ја покажуваат на секој чекор. Таа како што самите велат треба да се врати до највисок степен, да се почитува секогаш кога е можно. Тука не се граделе мали куќи, а се градело од камен и дрво, но каменот тука бил и останува заштитен знак на Лазарополе, а сега ги спојува традицијата и модерното. Факт е дека полека се враќаат, но времето во кое сега живеат и работат наследниците е тешко, а тоа се одразува и на реставрирањето на куќите.Традицијата, верата и вербата во подобро утре ги одржале Македонците илјадници години, а лазоровци, почитувајќи ги истите принципи се надеваат дека за брзо време ќе се вратат во Лазарополе, макар само на Илинден, во поголем број од година во година, во повеќе куќи од лани.Затоа молитвите на свештениците во црквата “Св. Ѓорѓи“, предводени од анхимардит Партение од Бигорски манастир,  во која почиваат коските на Ѓурчин Кокале, во која пред 150 години иконостасувал Дичо Зогравски, се насочени кон тој ден, Илинден, кога таму горе ќе се собере мијачијата.

Текст и фото:  Сашо Ристевски