Press "Enter" to skip to content

Битолски поход на Даниело, Саша и Сања до Мон Блан, на 4.810 мнв (фотогалерија)

На 8 август 2019 битолски високогорци го искачија кралот на Алпите и долго прогласуваниот највисок врв на Европа, Мон Блан (4.810 м.н.в.).Битолска екипа на високогорци составена од членовите на два клуба ПСК Копанки и ПСК Димитар Илиевски – Мурато, Даниело Божиновски, Саша Грбиќ и Сања Грбиќ успешно после вториот обид се искачија на врвот Мон Блан висок 4.810 м.н.в.. Видно среќни кога го водевме разговорот за Мон Блан и Алпите низ смеа ни ги раскажуваа среќните и помалку среќните моментите од ова нивно искуство кои ќе се обидеме да ви ги пренесеме во целост. Го отворивме овој разговор со Сања, како единствено женско во групата.

-Тргнавме на 1 август со една мисла, успешно да се вратиме од походот на Мон Блан. Возбудата беше видлива затоа што Мон Блан ми беше сон уште кога почнав да го практицирам пранинарството како хоби. Иако искуството на високогорски походи и акции не е на моја страна, присуството на мојот брат Саша за мене значеше голема поддршка и предзнак дека искачувањето за мене ќе биде олеснето со неговото присуство. Беше предизвик искачувањето на Мон Блан од Италијанска страна, како што планиравме затоа што колку што ми е мене познато немало битолска екипа која го освоила Мон Блан од оваа страна. Но за жал не успеавме од таа страна. Глечерот поради глобалното затоплување беше доста “отворен” и преминот беше невозможен па се вравиме назад.

До искачувањето на Мон Блан по Италијанската рута, која е можеби е и најтешката рута за освојување на Мон Блан, се одело според планот. Па така прво пристигнале во градот Маен во Италија каде после напорниот пат одмарале 1 ден и наредниот ден го искачиле врвот Брајтхорн 4.164 м.н.в. кој бил прдвиден за аклиматизација која е потребна при вакви високогорски походи.Наредниот ден прават трансвер во Курмајер, Италија и од таму во Долината Вал Вени на 1.648 м.н.в. од каде го започнуваат успонот кон Мон Блан. По оваа доста захтевна патека која има висинска разлика од околу висински 3.200 метри се упатуваат во домот Гонела 3.072 м.н.в. Овој терен е доста напорен и непредвидлив па така преминуваа преку сипар, глечери, ферата, снежни појаси цели 18 км.Во домот Гонела одмараат неколку часа и веќе на полноќ го започнуваат нивниот успон на Мон Блан. Но за жал после 2 часа искачување, и совладани околу 700 висински метри поради пукнатината на глечерто морале да се вратат во домот. Разочарувањето им било големо, во тие моменти размислувале да се вратат во Битола после спуштањето во долината Вал Вени.

-Наредниот ден бевме скршени, разочарани, јас и Саша 2 часа “кроевме” планови што понатаму, дали да пробаме пак од оваа страна, да одиме на друг врв, да си одиме дома… но по разговорите со Алек и Бојан, кои не предомислија, одлучивме да останеме на Алпите и да пробаме да стигнеме на врвот но сега по француската рута Космик.” вели Даниело.

После поминати скоро 45км планинарење по гореспоменатиот терен тие прават трансвер во градот Шамони во Франција од каде го планираат успонот по рутата Космик. За нивната несреќа да биде поголема во Шамони и на Мон Блан се приближува невреме па така се приморани да останат во кампот во Шамони 3 дена.После расчистувањето на невремето добиваат информација дека рутата Космик е затворена затоа што има лавина па така се одлучуваат за последната рута, Гутер или таканаречената “нормална рута”. Заедно со босанската екипа, која ја запознале во кампот во Шамони, се искачуваат прво до Домот Тете Роус 3.167 м.н.в па преку кулоарот до домот Де Гоутер 3.835 м.н.в.. Овој терен е доста атрактивен поради фератата и искачувањето на карпест терен но тие го поминале без никаков проблем.
Во домот Де Гоутер после неколкучасовниот одмор, конечно го започнуваат нивниот успот кон Мон Блан кој овој пат е успешен! За многу брзо време го совладуваат теренот и без проблем од висината се искачуваат на Алпскиот крал, Мон Блан. После получасовното сликање на врвот и уживањето во изгрејсонцето се упатуваат кон домот Де Гоутер па се до Шамони од каде се упатуваат кон Битола.

Со Даниело го завршивме овој разговор:

-Овој успон за мене имаше големо значење по неуспешниот обид за освојување на Елбрус во Мај оваа година. Емоционално бев врзан со Мон Блан поради приватни причини. Ја користам оваа прилика да им честитам на членовите на ПСК Ѓорѓи Наумов кои го освоија Мон Блан 4 дена пред нас! Исто така ја користам приликата да им се заблагодарам на помагателите на ПСК Копанки, Советот на Градот Битола и Синдикалната организација на РЕК Битола, кои несебично помогнаа. Благодарноста е  од мое име и од името на сите членови. За крај јас лично ова искачување им го посветувам на моите две сакани небески звезди кои за жал ме напуштија прерано, ако нешто ми фали на моите 26 години тогаш ми фалат тие двајца, моите дедовци. Многу често се присетувам на нив и често ги спомнувам. Од едниот ја добив љубовта кон планината кога на мои 6 години на раменици ме однесе во домот Неолица и за тоа многу му сум благодарен затоа што ме научи да сакам вистински, а другиот кој бескрајно ми фали ме научи на истрајност, никогаш да не се откажувам… Ме научија СЕ, целиот мој живот е врзан за нив. Ова е мојата благодарност према нив! Се гледаме на врвот!”

Mission News Theme by Compete Themes.