Press "Enter" to skip to content

Утре ракометарите Еурофарм Работник на Широк Сокак, денес се подигнуваат приоритетните, а почна продажбата на поединечните

Утре битолчани на Широк Сокак ќе имаат прилика да направат фотографија со омилениот ракометар, или пак лично тој да им го додели билетот за некој од натпреварите на РК Еурофарм Работник.

Ракометниот клуб Еурофарм Работник известува дека од денес, петок 30.08.2019 година, за сите купувачи на приоритетни сезонските билети за натпреварите на Еурофарм Работник, можете да ги подигнете од продажното место, туристичка агенција „С Травел“ – Битола.

Продажбата на сезонските билети и натаму е во тек, затоа побрзајте за да ги имате најдобрите места во салата во текот на целата ракометна сезона и да ја бодриме нашата екипа на натпреварите од СЕХА лигата како и на натпреварите од Лигата на Шампиони.

Од денес се пуштени во продажба и поединечните билети за натпреварите на РК Еурофарм Работник, и тоа онлајн на kartieurofarm.mk, како и на продажните месна низ Битола кои ги имаме наведено на страницата за онлајн купување.

Сите кои ќе купат онлајн поединечен билет за некој од натпреварите, немаат обврска он-лајн билетот да го заменуваат со физички билет на некое од продажните места, туку можат да влезат во салата со испринтана А4 формат копија од он-лајн купениот билет.

Ни претставува чест и задоволство да ви најавиме дека утре, сабота, 31.08.2019 година, во 12:00 часот напладне, можете да имате единствена прилика да се дружите и фотографирате со играчите на РК Еурофарм Работник.

Нашите првотимци напладне ќе бидат на едно од продажните места за билети, “Вагабонт Тобако“ на Широк Сокак во Битола.

Во пријатна атмосфера и дружење, тоа ќе биде прилика да направите фотографија со вашиот омилен ракометар, или пак лично тој да ви додели билет за некој од натпреварите на РК Еурофарм Работник.

Дојдете на пладневна прошетка и заедно да ја поддржиме нашата екипа!

Ве известуваме дека за време на сите натпревари од СЕХА Гаспром лигата и ЕХФ Лигата на шампионите сите седишта ќе бидат нумерирани и во зависност од нумерацијата на својот билет, секој гледач треба да го заземе своето место.

Најстрого се забранува внесување во салата на тврди предмети (запалки, цигари, монети), кутии со цигари, пластични шишиња.

Во случај некој да се обиде да ги внесе, истите ќе бидат одземени од обезбедувањето на влезот во салата.

More from СпортMore posts in Спорт »