Во текот на вчерашниот ден, во специјалната гинеколошко акушерска болница “Плоднос“ се породија тројки од програмата на ИВФ. Породувањето е завршено со царски рез во 35. гестациска недела, а породени се две машки и едно женско бебе.
Породувањето го направи дежурната екипа д-р Марија Христовска и д-р Христијан Трпчевски, неонатолог д-р Маргарита Камбовска, анестезиологот д-р Трајан Ивановски и дежурните медицински сестри од повеќе оддели во болницата.
-Ова е трета тројка годинава. Една пациентка од Струга се породи пред два месеци на ГАК во Скопје, а другата од Кочани во “Систина“. Во овој момент има мајка која носи тројка и бебињата во 21 гестациска недела, вели д-р Христијан Трпчевски.
Во однос на самата ИВФ постапка, кај мајките се вратени по два ембриони. Во два случаи, едниот од нив се подели на два еднојајчани.
-Процентот на тројки изнесува 3 промили, односно 3% на 1.000 новородени кај пациенти кои се оплодени со ИВФ постапка. Сега истиот процент е намален на 1,3%, будејќи враќаме само два ембриони, со цел да се избегнат компликациите кои може да ги даде повеќесложната бременост, потврдува прим. д-р Таше Трпчевски, шеф на одделот за хумана репродукција и сопственик на приватната болница “Плодност“ Битола, не пропуштајќи на гордите родители кои се од Охрид и добија тројка,во име на тимот на ИВФ и целиот персонал да им посака среќно и успешно родителство.






