Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на загинатите кај Центарот за култура, од страна на претставници на градоначалникот и на Општина Битола, на Советот на Општина Битола, на Сојузот на борци и на политичките партии, денес се одбележа 8 Септември, Денот на независноста.
По повод големиот празник, честитајќи им го на граѓаните, советничката Татјана Крнчева истакна:
-Македонскиот народ јасно го трасираше патот на независноста со 95 постотна референдумска поддршка за иднината на нашата земја пред 28 години. 8 Септември, Денот на Независноста од 1991 год. се прославува и чествува како трет Илинден и не смее да биде предмет на дневни политички поентирања, затоа што Македонија низ годините била и Народна и Федерална и Социјалистичка, а денес е Северна… Но, секогаш била и ќе остане она што била во мислата на жртвите од Илинденскиот период и НОБ, а тоа е-независна, суверена и самостојна! Денес стоиме гордо исправени пред предизвикот конечно да застанеме на здрави нозе, да имаме здрава економска политика со здраворазумни политичари кои ке ја водат земјата кон патот на демократските процеси… Втора татковина немаме! Патриотизмот е одлика на граѓаните кои си ја сакаат својата држава со сета шареноликост на народи и народности во неа. Се останато е национализам против кој се бореа и Илинденците и борците од НОБ. Во тоа име, националната агенда за одбележување на овој празник, тече под мотото “Боите на независноста“ кон која се приклучува и Општина Битола.
Во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ, цвеќе положи делегација која ја предводеше претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Иванчо Тошевски, честитајќи го празникот порача:
-28 години суверена, независна и самостојна Македонија. Со референдумот одржан на 8. септември 1991 година и јасно изразената волја на македонскиот народ беше реализиран повеќевековниот стремеж на македонскиот народ за сопствена национална држава. Со неуспешниот референдум одржан на 30.септември 2018 година за промена на името на Република Македонија целата домашна и меѓународна јавност беше сведок дека македонскиот народ никогаш нема да отстапи од повеќевековната идеја.
Честит празник на независноста на Македонија!
На 8. септември 1991 година, на спроведениот референдум македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.






