Press "Enter" to skip to content

Никола Димитровски, директор на трката “Трчај бе“: се е подготвено, резултатите ги надминаа и најоптимистичните очекувања

На два дена пред стартот, в недела во 9 часот, на првата градска, битолска трка, со оригинално битолско име “Трчај бе“ се е подготвено, а директорот на трката, Никола Димитровски, вели дека на стартот ќе има 770 натпреварувачи, од 7 до 70 години.Сега, кога Никола и неговиот тим од 6 “души“, за кои вели, работат за 60, се при крај на “организациската трка“, за почетоците, на само 48 часа пред стартот на “Трчај бе“ ни рече:

 -Во 2018 година почнав рекреативно да трчам, за себе, како едноставна физичка активност, а потоа со цел, да истрчам 5 километри на “Скопски маратон“. Потоа се случи “Охрид Трчат“ каде истрчав 10 километри, а прашањето зошто ова да го немаме и во Битола, во тој период, само се наметна. Веднаш започнавме со неколкумина да работиме на идејата за градска трка во Битола, со име “Трчај бе“, кратко, битолско. Потоа се се стави на веб-страница, се направи план, буџет, контакти со “Скопскиот маратон“ и “Охрид Трчат“, со конкретен датум за трката 15 септември. Едноставно тргна реализацијата на сето ова што ќе се случи за два дена, в недела, што за нас се уште е голем предизвик, за шестемина, и останатите кои ни се приклучија да помогнат.Во овој период кога се правеа подготовките, конкретната реализација “Трчај бе“ ја доби поддршката од битолчани, но и пошироко.

-Самото тоа што има пријавено 765 лица кажува колкава е поддршката. Имаме пријави од цела Македонија, но исто така и од Танзанија, САД, Хрватска, Србија, Велика Британија, Босна и Херцеговина, Бразил, Чешка, Германија. На трката ќе се натпреварува цела македонска атлетска елита на средни и долги патеки, односно сегашки и бивши рекордери и шампиони на патеките од 1.500 метри, па се до маратон. Од позвучните имиња ќе настапат: Дарио Ивановски, Александар Кираџиев, Кристијан Стојани, Кокан Ајановски, Адриана Поп Арсова, Миљана Ристиќ, Весна Кираџиева, Билјана Кираџиева, како и балканската шампионка од последното првенство во Бугарија на 3.000 и 5.000 метри, Теодора Симовиќ. Што се однесува до професионалноста на организацијата можам да кажам дека секој кој е пријавен ќе добие свое лично време за колку ја истрчал патеката, а сето тоа ќе го направи “Tag Timing“, кој има лиценца за оваа работа, вели Димитровски, а дополнува дека има и екипни пријави.-Имаме пријави и од триесетина компании кои овој ден и оваа трка ќе ја искористат и за “тим-билдинг“. Имаме тимови од Скопје и други градови, но најголема е екипата на “Кромберг и Шуберт“ од Битола, која брои 85 луѓе, кои се и наши спонзори. Тука се компаниите “Најк Ранинг Клуб“ од Скопје, “Стопанска Банка“ од Скопје, “Космик Дивелопмент“ од Битола, “Преда фондација“ од Битола, “Еуролинк“, кафетерија “Добри Вибрации“, “Турни ме да кинисам групацијата“ и други вели Димитровски и додава:

-Ова ќе биде најмасовен спортски настан во Битола, на кој се пријавени и ќе учествуваат толку учесници. Ќе се трча на две патеки од 5 и 10 километри, а награди ќе добијат во женска и машка конкуренција за првите тројца кои најбрзо ќе стигнат до целта и една екипна награда.

Трката ќе стартува в недела на 15 септември во 9 часот, а забавната програма еден час порано, во 8, пред трката, а ќе продолжи по трката.

-Од 8 часот ќе стартуваме со забава, потоа трка, доделување на медалите, па повторно забава. Ова е само на кратко како ќе биде в недела. Но, ќе има многу изненадувања за сите, ќе се појават познати лица на “Магнолија“ и да не кажуваме се тука, да се видиме, да трчаме и да се забавуваме, со многу изненадување, вели Никола Димитровски, кој упати и апел до битолчани:

-Има посебен режим на сообраќај за недела наутро, кога е трката, па сакам да ги замолам битолчани, да бидат трпеливи, автомобилите да ги одмориме од 9 до 11 часот. Да им дадеме одлични услови на учесниците во “Трчај бе“, и ова да биде еден почеток на една нова спортска битолска страница, да направиме работи, не само в недела,  кои претходно изгледале невозможни.

Сашо Ристевски

Mission News Theme by Compete Themes.