Press "Enter" to skip to content

Мартин Николовски, студент и амбасадор на нашата култура во Турција: телевизијата за мене има посебна магија

Жанета Ристевска

Неговата популарност беше слична на онаа која ја имаат денешните јутјубери кај нас (Џи-пи…) меѓу децата, стана препознатливо ТВ-лице уште во ученичките денови во основно образование. Популарен лик со симпатично лице и  милозвучен глас. Добар водител и соговорник со своите мали гости во детските  емисии…. харизматичен и одлично се снајде пред ТВ камерите.  

-Ме препознаваа на улица каде и да поминев и тоа многу ми годеше, го сакав тоа што сум популарен, одлика на моите тинејџерски години… многу искрено ни изјавува со мила насмевка која и денес е се уште “детска“, иако Мартин има 22 години,  студент и амбасадор на нашата култура во Турција.Од „детски  парламент“ до стипендист и студент на Универзитетот “Хаџи Бајрам Вели“ во Анкара, на факултетот за комуникации. Уште од мали нозе сериозен и професионалец. На  тинејџерска возраст станува популарно ТВ лице како водител на детските емисии “Детски парламент“, во првата сезона со 23 емисии снимени за  сите основни училишта во Битола. Потоа уште 32  емисии “Имај време за…“, Авторска емисија “На муабет“ -интервјуа на блиц-прашања со познати личности на ТВ “Тера“. Известува за многу  културни настани  на битолско лето во “Ритамот на градот“, а 1 година пишува за културни настани  објавени во порталот “Шеталиште“ Автор на збирка раскази “Моето јас“ во 2013 година. Бил и спикер на вести во ТВ “Каналвизија“.  Сега е стипендист и студент на  трета година на Факултет за комуникации. Богата биографија за некој кој има само 22 години и целиот свет и живот пред него со многу можности и  добар “бакграунд“ да конкурира каде сака во светот.  Знае англиски, германски, турски. Тоа е нашиот Мартин Николовски во кратки црти, со многу планови меѓу кои и постдипломски студии  во Австралија…

Во Битола дојде на распуст, но повторно замина со делегација од Битола како преведувач, со еден збор Мартин не мирува и конечно се најдовме за разговорот као што и се договоривме  да биде опуштен, а и така беше  со некој кој и направил многу вакви интервјуа уште од мали нозе.  Не ни морав да го прашувам туку се течеше многу спонтано, лежерно… опуштено.Со искуството од снимени голем број детски емисии, дали сега размислуваш да се испробаш во едукативна ТВ детска емисија од типот на “Бранко коцкица“, сега како повозрасен и разговараш и ги поттикнуваш  децата на различни теми….

-Ми дадовте предизвик и тема за размислување. Телевизијата многу ми фали. Ја сакам магијата на телевизијата. Иако морам да кажам дека можеби и се помалку се гледа во денешно време во смисла на вести заради тоа што се брзо достапни на  социјалните мрежи. Потребни се едукативни детски емисии кои фалат и на националната телевизија, а и на локалните. За мене таква детска ТВ емисија би била голем предизвик. Со добро осмислени интересни содржини во кои би се опфатиле училиштата би можело да се направи  популарна детска емисија. Таа би се  емитувала во периоди од денот кога и најмалите гледачи се дома. Сакам деца, бидејќи и јас се чувствувам во душата како дете, и можеби затоа и го разбирам детскиот свет.

Кажи ни  каков беше како дете…

-Бев многу љубопитен и се сакав да знам.  Можеби од таму и  новинарското во мене. Телевизијата ми беше како магија, гледав и ме интересираше уште од мал за она што се случува од другата страна. Гледав многу детски емисии кои кога јас растев беа во експанзија и ги имаше многу на малите екрани. Гледав и детски серии, цртани, филмови.Ученички денови …

-Учев во основното училиште ОУ “Коле Канински“, кога бев  осмо одделение за прв пат се оформи “Детскиот парламент“ на ученици со координатор наставник кој требаше да ги застапува интересите и демократските права на учениците. Учениците тука даваа предлози и мислења за активности во училиштето. Тука станав член и бидејќи во овој детски парламент сите кои учествуваа можеа да дадат предлог за  проекти во училиштето. Јас веднаш го покренав прашањето и предложив  снимање на детска ТВ-емисија каде ќе бидат опфатен теми блиски на учениците. Заради тоа што бев многу нестрплив, на своја рака заедно со двајца ученици снимивме емисија која беше многу аматерски направена. Координаторот на “Детскиот парламент“, наствничката Лидија Павловска го препозна нашиот ентузијазам, и ни помогна да ја снимиме со професионална екипа.

“Детски парламент“ првата детска ТВ емисија

Првата емисија ја снимивме со “Dream Cast Production“ и се прикажуваше на  “Тера“. Таа  емисија е снимена 2011 година и беше многу гледана, заради тоа продолживме со снимање на други и снимени се уште  23 епизоди. Во секоја ТВ емисија беше презентирано основно училиште со свои проектни активности , забава, занимливости. Тие имаа едукативен карактер и во нив   учествуваа и по  100 учесници.  Овие детски ТВ-емисии беа многу гледани и станаа популарни. Сите ги препознаваа по името “Детски парламент“. Со тоа и мене ме прпознаваа секаде каде се појавев и морам да кажам дека тогаш ученик во осмо одделение на околу 15 годишна тинејџерска возраст морам да бидам искрен дека многу ми годеше.За средношколските денови…

-После основно образование го продолжив образованието во СОУ “Јане Сандански“ и таму повторно во Детскиот парламент  сега како претседател на истиот. Со тоа  продолжуваме со емисиите, но сега за училиштата во средно образование под наслов “Имај време за…“ и беа снимени вкупно 32 епизоди. Некаде во тој период добив покана од ТВ “Тера“ да се вклучам во проект да известувам за културните настани на Битолско лето за “Ритамот на градот“. Потоа следува и мојата авторска емисија “На муабет“ интервју со личности кои одговараат кратко на мои прашања. Еден период бев и спикер на вести за “Каналвизија“ од Прилеп.

Факултет за комуникации … Универзитет “ Хаџи Бајрам Вели“ во Анкара, Турција, кажи ни повеќе?

Сакав да се здобијам со многу поквалитетно образование, зашто ниту еден од нашите универзитети не е на Шангајската листа за најдобри универзитети во светот. Моментално студирам во главниот град на Република Турција, Анкара, на еден од најдобрите универзитети. Студирам токму она што ми беше желба од мал, а тоа е да станам професионален новинар. Со оглед на тоа што имам претходно искуство од телевизија и електронски медиум, немам тешкотии воопшто во студирањето. Воглавно е она што се изучува насекаде во светот со плус некои дополнителни предмети што ги има овде, но впрочем таа е суштината за сите што студираат новинарство.Студенстски денови  и живот во Турција…

Навистина сум среќен што студирам и живеам во Турција затоа што тоа беше моја огромна животна желба. За мојот избор можеби придонесе и една случка која ме однесе да се запознаам со Турција и да ја засакам. Имено, во 2015 година добив награда на турската телевизија “ТРТ“ на конкурс за есеј “Истамбул на два континенти“, а наградата беше неколку дена во Анкара. Ми остави соилен впечаток животот и луѓето во неа, нивната култура која многу ја почитувам. Можеби тоа придонесе да се одлучам да конкурирам на универзитетот каде студирам сега. Не погрешив зошто ја избрав Турција,  бидејќи  кога ќе им кажам дека сум од Македонија, од Битола, тогаш секаде сум пречекан со раширени раце. Кон нас Македонците, Турците имаат посебна љубов. Веднаш прашуваат за Музејот во Битола, за Скопје, за Охрид. Во Турција особено во Измир, Бурса, Истанбул живеат голем број доселеници од Македонија кои дошле по балканските војни и подоцна, кои навистина луѓе ја сакаат Македонија и кога и да зборуваат, се чувствува носталгијата кон нашата земја. 

Животот во Турција…

Толку сме блиски како народ,  имаме заедничка култура што јас воопшто не почувстував некоја разлика. Се разбира овде во Турција има голема почит кон хиерархијата и кон повозрасните лице. На пример, она што ми остави впечаток е тоа што без разлика луѓето дали те познаваат или не, те поздравуваат на улица, во институции, насекаде. Ти посакуваат пријатен ден, лесна работа, здравје, успех и тоа постојано. Веќе и јас се навикнав на тоа. Ти се обраќаат со господине или госпоѓо без разлика на возраста и всушност овде многу е важна почитта.  Исто така она што ми остави впечаток е читањето книги. Кога и да патувам со метро, но и вообичаено во парковите, луѓе од 7 до 77 години читаат книги. Има голем број книжарници со илјадници книги и навистина потрошувачката е на завидно ниво. Читање книги, посета на театар и кино ме исполнува и голем дел од слободното време ми е исполнето со ова. Сето тоамвистински ме опушта.Мултикултурно дружење…

-Тоа што учам со студенти од целиот свет за мене претставува најголема придобивка. Во  изминативе две години  колку што сум овде во Анкара запознав  секакви луѓе апсолутно во секоја смисла на зборот. Во Турција студираат студенти претежно од Истокот, како и од Африка. Многумина доаѓаат од земји каде што слободата е ограничена и овде имаат толку слобода што изгледаат како повторно да се преродиле. Многубројни се и студентите од сиромашни земји, земји во кои едвај преживуваат и поради тие студенти јас сум среќен затоа што сметам дека овде најдоа парче мир и достоинствено засолниште. Можам да кажам дека и тие се најдобри студенти и постигаат најповеќе успеси. Можеби и маката ги научила да истраат на се. Пријатни се за дружба и сега ги доживуваат некои работи кои се доживуваат во детството.

Идни планови…

-Планирам да продолжам на постдипломскимстудии во Австралија  се надевам дека ќе ми се исполни желбата. Имам многу планови кои се надевам ќе се реализираат. Со емисијата за деца ми зададовте  предизвик, да размислувам околу таа тема.По мое мислење сметам дека Мартин би бил нов современ  „Бранко коцкица “ кој комуницираше на идеален начин со малишаните во своите емисии.  Можеби заради неговата искреност, спонтаност и непосредност во комуникацијата. “Имам многу голема доверба и верувам во тебе и во тоа што ќе го напишеш за мене…“ ми рече и со тоа “ме купи“.

Фото: С. Ристевски

Ентериер: ресторан “Белведере“

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »