Еурофарм Работник – Металопластика 32:21 (15:8)
По двата несреќни порази во Лигата на шампионите екипата на Еурофарм Работник им се врати на победите, а првата посета на Битола по 31 година не заврши добро за Металопластика, која е поразена убедливо, како резултатски така и ракометно. По руската екипа Спартак Москва, победена е Металопластика, во салата “Боро Чурлевски“, пред околу 1.500 гледачи.
За разлика од претходните натпревари шанса од тренерот, Стевче Алушовски шанса добија Петровски и голманот Чаневски, кои одлично ја искористија.
Екипата на Еурофарм Работник одлично започна, а резултатот 3:0 и со три одбрани на Митревски беше увод во победата. Митревски одбрани три напади по ред, два пенали и постигна гол, а по такви одбрани разбирливо е дека доминацијата продолжи. Металопластика својот прв гол го постигна во 11. минута. Одличната одбрана, ефективата во нападот на “фармацевтите“ и донесоа во 20 минута +6 (10:4) во 19. минута, а на одмор се отиде со +7 (15:8).
Во вториот, тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски, започна со промена на составот на теренот, а тоа им донесе и +10 (24:14) на средина од вториот дел, по што се беше јасно, кој ќе биде победник на оваа средба.
Најефикасен беше Владислав Остроушко со пет голови, додека Митревски имаше 15 одбрани.
Еурофарм Работник на крајот ја победи Металопластика со +11 (32:21) и ја зацврсти својата позиција во групата “Б“ групата и со новите три бода Еурофарм се изедначи со Веспрем на врвот на табелата.
Стевче Алушовски на прес-конференцијата по натпреварот рече:
-Не сакам да издвојувам играчи, денес Митревски беше фантастичен на голот, со што ни даде голема сигурност уште од стартот на мечот, а таа сигурност соиграчите ја искористија и направија разлика уште во првиот дел. Сакам да им честитам на моите момци за одличната партија, борбеноста и залагањето, но немаме многу време за славје, бидејќи нè чека нов натпревар во Лигата на шампионите.
И Милан Ѓукиќ имаше само пофални зборови за Митревски, но напомена дека победата е заслуга на целиот тим.
-Како што кажа тренерот, кога на голот го имаме расположениот Митревски, тогаш сè е полесно. Тој ни даде „ветар во грб“, а ние одговоривме соодветно и мислам дека одлично ја завршивме работата.
Легендата на Металопластика, тренерот, Веселин Вуковиќ, рече дека ова не е вистинското издание на тимот и додаде:
-Жал ми е што не се претставивме во најдобро светло пред битолската публика која го знае ракометот. Што се однесува до моите ракометари, тие се млади и не се прилагодија на критериумот на судиите и Еурофарм Работник тоа го искористи и уште од раната фаза на мечот резултатски се одлепи. Сигурен сум дека во овој тим има многу потенцијал, а тоа ќе го видите кога Еурофарм ќе гостува во Шабац.
Текст и фото: Сашо Ристевски






