Press "Enter" to skip to content

Металопластика по 31 година во Битола, кај Еурофарм Работник, во СЕХА лигата

Српскиот вицешампионМеталопластика пристигна во Битола пред одигрувањето на натпреварот од второто коло од “Б“ групата на СЕХА лигата, каде домаќин вечерва во 20,45 часот му е екипата на Еурофарм Работник.

“Фармацевтите“ се фаворити, но за разлика од македонскиот вицешампион, Србите цела недела во мир го подготвуваа натпреварот, за разлика од Еурофарм Работник кој одигра два натпревари во четири дена.

За очекувањата од овој натпревар, тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Аушовски вели:

-Натпреварот со Металопластика доаѓа во незгоден момент по двата порази во три дена. Ривалот е млада екипа која е предводена од искусен тренер, Веселин Вуковиќ, а досегашните нивни резултати покажаа дека се во добра форма. Ни следи интересен натпревар, ние како домаќини сме фаворити, но нема да биде лесно. Имавме два-три дена, направивме подготовка за овој натпревар, видивме кои се нивните добри и лоши страни и искрено се надевам дека в понеделник ќе ја извојуваме втората победа во СЕХА лигата, рече Алушовски.

Пред соочувањето со некогашниот европски шампион репрезентативецот Никола Митревски рече:

-Вечерва ќе имаме тежок натпревар со Металопластика. Иако сме фаворити, не верувам дека ќе биде лесно. Млади се, играат борбено, парираа со сите ривали сезонава. Ние сме малку психички разнишани, но нема да влијае на натпреварот в понеделник и верувам дека ќе се вратиме на победничките патеки. Ако го дадеме максимумот, мислам дека ќе се радуваме на победа. 

Повозрасните љубители на ракометот се сеќаваат на старото југословенско ривалство меѓу Шабац и Битола или меѓу Металопластика и Пелистер, посебно на дербито пред 31 година по жестока тепачка, во која подебелиот крај го извлекоа гостите. Играчите на Шабац беа претепани, дресовите им беа искинати, а во таа општа гужва им беше украдена и опремата која им беше на клупата.