Само по десетина часа по пристигнувањето од Шпанија во Битола, ракометарите на Еурофарм Раборник се веќе свртени кон новиот голем ракометен предизвик од СЕХА лигата, гостувањето на вицешампионот на Европа, екипата на Веспрем.
Екипата на Еурофарм Работник и тренерот Стевче Алушовски денес покрај прегледување на видео материјал од ривалот ќе одработат и тренинг во спортската сала “Боро Чурлевски“, а тренерот и Невен Стјепановиќ го “одработија“ и задолчителниот прес.
-Гостувањето на европскиот вицешампион, Веспрем, преполн со звезди, во Битола е празник на ракометот и е посебен настан. Ако ракометот се играше по име и буџет, Веспрем не ни треба да доаѓа во Битола – знаеме дека се посилни од нас. Но, на терен можеме да се надеваме, рече Алушовски на пресот и додаде за досегашните натпревари:
-Не е страшно што ги загубивме трите натпревари од Лигата на шампионите, туку како загубивме. Видовме дека сме на правиот пат, видовме дека можеме да се носиме против секој противник. На играчите е малку повеќе да веруваат во себе и резултатите ќе пристигнат сами по себе.
Невен Стјепановиќ исто така првпат ќе се соочи со најтрофејната унгарска екипа и не крие дека задоволство му е што ќе излезе на мегдан со ѕвезди на европскиот ракомет како Мае, Лауге Шмит, Тонесен, Борозан, Ненадиќ, Манасков…
-Првпат ќе играм против Веспрем и ќе ми биде задоволство. Ова е празник на ракометот во Битола. Уморни сме, имавме тежок натпревари, но ќе излеземе без притисок против ѕвездите на Веспрем. Во досегашниот дел од сезоната може да кажам дека ниту една екипа не нè надигра и мислам дека имаме квалитет да се носиме со сите екипи. Утре ќе се обидеме да одиграме што е можно подобар натпревар, рече босанскиот репрезентативец Стјепановиќ.
-Унгарците вечерва пристигнуваат во Битола со чартер лет до Охрид и нема да тренираат на местото на одигрување на натпреварот. Дуелот Еурофарм Работник – Веспрем се игра утре од 17:15 часот, а управата на Еурофарм Работник очекува полна сала и голема поддршка за Еурофарм Работник, се сервисните информации во врска со натпреварот, кој ги соопшти портпаролот, Зоран Мишевски.






