Press "Enter" to skip to content

Во Магазата поставена изложба на 16 дела, кои ги “гледаат“ и слепите лица (фотогалерија)

Во битолската Магаза, Завод и музеј постави изложба со тактилни слики од 16 дела од македонската современа уметност, со дополнително образложение на Брајово писмо, код и аудио нарација, со што оваа установа успеа да им ја доближи уметноста на слепите лица, лицата со пречки во развојот. Изложбата ја отвори градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која рече дека ваквите проекти кои се наменети за оваа категорија на лица, секогаш ќе ја имаат финансиската поддршка од општината.-Општина Битола има јавна набавка за подвижна рампа на лицата со попреченост при движењето, а денес по примерот на Завод и музеј, како следен чекор е самите простории кои се наоѓаат во општинската зграда, при влезот, со Брајово писмо ќе бидат назначени точно која просторија какви услуги нуди, рече Петровска.Координатор на проектот е д-р Ирена Ружин, вработена во битолски Завод и музеј која веќе неколку години се обидува уметноста да им ја доближи на лицата со пречки во развојот. Ружин рече дека овој проет и го понудила на Балканската музејска мрежа и три години посетувале обуки од врвни експерти од Велика Британија, за музеите да бидат достапни за сите лицата со попречености.-НУ Завод и музеј Битола, продолжува со работа на достапноста на своето движно културно наследство до лицата со попреченост. Во оваа фаза избрани се дополнителни 16 предмети од одделот за современа уметност (14 уметнички слики и 2 скулптури ) кои ќе бидат достапни за слепи и слабовиди, за посетителите со оштетен слух и говор. Предметите се достапни преку тактилни слики, кои имаат текстови со описи на Брајово писмо, аудио нарација и видеа на знаковен јазик. Пристапот до видеата и аудиата е обезбеден преку пристап со мобилен телефон со скенирање на кодовите или со директен пристап на веб страната. Текстовите се преведени на англиски јазик, рече Ружин.За овој проект битолскиот иметник Сандра Котевска, им позајми уметничка слика која ќе биде по обработката достапна за лицата со оштетен вид и други попречености.Раководител на проектите е д-р Ирена Ружин, а со неа во тимот се уште м-р Јове Парговски- координатор и ИТ, Татјана Мијатович-изработка на тактилните слики, Владо Ѓорески- текстови, Тесалија Жирова- текстови на Брајово писмо, Милена Милошевич Мицич-консултант, Катерина Шарковска- знаковен јазик, “Гимел студио“, Силвана Петрова Насух – наратор и превод на англиски јазик и техничка подготовка на слики- Кочов студио.

More from БитолаMore posts in Битола »