Press "Enter" to skip to content

Реакција на СДСМ: “герила” акцијата случајна и добронамерна или строго политичка?

По повод “герила” акција на битолски активисти, со реакција се јави Општинската организација на СДСМ од Битола, во која се вели:

-Почитувани медиуми, почитувана јавност, 

Утрово Битола осамна со еден очаен и крајно неинвентивен обид за заплашување на граѓаните, предизвикување паника меѓу нив со употреба на разни семиотички симболи кои имаат за цел да предизвикаат внимание.

Ако се земе предвид дека станува збор за нерегулирано поставување на самопрогласени знаци на јавна површина, а со тоа истата се оштетува, тогаш навистина вниманието треба да се сврти кон оние кои повторно со уништување на јавен и општински имот сакаат да си поиграат со граѓаните и да предизвикаат паника онаму каде нема простор за истата.

Уште поголемо внимание треба да се стави на самите знаци кои укажуваат на радиоактивност која сите добро знаеме какви последици има по здравјето.

Имено, во време кога се поставува новата урбана опрема од страна на ЈП “Комуналец“, во време кога Општина Битола и Владата на Република Северна Македонија нудат субвенции за инвертер клими, електрични возила, кога РЕК “Битола“ е во постапка за набавка на електростатични филтри, се набавуваат 4 еко автобуси, кога после 12 години редовно се чистат депониите, кога јавното претпријатие ЈПП ЈЛП “Градски Паркинзи“ поставува станици за полнење на електрични автомобили, во екот на масовни акции за чистење на градот и пошумување на зелените површини, ваквите постапки немаат никаква друга цел освен обид за прибирање на ситни политички поени и остварување на политичко инструирани цели на индивидуалци.

Она што треба да се објасни на јавноста и граѓаните на Битола е: дали оваа “герила” акција е навистина случајна и добронамерна или целта е строго политичка?