-Пред десет година на утрешен ден во Измир, Турција, почина Ајри Демировски, битолчанец, автор на легендарната песна “Битола мој роден крај“ и на многу други песни за кои некои и сега не знаат дека се негови песни, го започна своето сеќавање, Димче Миновски, доајен на битолското новинарство.
-Ајри Демировски ми беше голем пријател, а неговата животна историја и сите негови доживувања ми ги раскажуваше многу часови во мојата викендичка во Брусник. Со Ајри имав и емисија во живо во Радио Битола, кога два часа со групата “Прва Севда“ пееше песни, сите негови, а и други македонски песни. Ми остана голем пријател до крајот на животот, кој го заврши во Измир, Турција, откако замина во почетокот на шеесетите години од минатиот век,заедно со голем број на Турци од Битола, се присеќава Миновски.
Миновски додава дека му е мило што Ајри Демировски е прогласен во 2006 година за прв почесен граѓанин на Битола од страна на Советот на оптштина Битола.
Инаку, Демировски е роден во 1927 во Битола, каде што млад го изучувал берберскиот занает, а по ослободувањето бил првиот ученик од Битола испратен во Загреб да го изучува печатарскиот занает. Но, во Битола тој никогаш не работел како печатар. Се вработил како чувар во Радио Битола, а работејќи во радиото имал несекојдневна прилика редовно да ги слуша во живо најпопуларните битолски и македонски пејачи. Тоа го поттикнало да почне да размислува во насока на создавање на нова македонска музика.
Демировски има компонирано над педесетина песни, а негови се популарните: “Мариче ле лично девојче“, “Таму ле мајко близу Битола“, “Само ти се чудам Цвето“, “Сношти те Маре сонував“, “За коги ти цути Дано лицето“, „Денот ми наблиза на гурбет да заминам” и многу други, за кои се смета дека се народни, бидејќи се општоприфатени и пејани.
Најпопуларната меѓу нив е неговата антологиска песна „Битола, мој роден крај“, песна во која ја опеал својата огромна љубов кон родната Битола, песна која претставува неповторлив музички симбол и по која Битола ја препознаваат и распознаваат и е прогласиле за песна на векот.






