Press "Enter" to skip to content

Високо научно признание за доц. д-р Ангелина Станојоска на Светски Конгрес за криминологија во Доха, Катар

Доц. д-р Ангелина Станојоска е носител на високо научно признание што и е доделено на XIX Светски Конгрес за криминологија (INTERCRIM 2019) кој се одржа во Доха, Катар.  

Таа е професор на Правниот факултет, Еразмус + координатор и раководител на Центарот за научно – истражувачка работа на Правниот факултет.

Меѓународната научна награда Станојоска ја доби на Иницијативата Education4Justice на UNODC (Канцеларијата за дрога и криминал на ООН) и Меѓународното здружение за криминологија (ISC) во Best Paper Worldwide Competition for Young Scholars за оригиналниот научен труд “Testing Agnew’s GST among incarcerated women in the Republic of North Macedonia” во коавторство со м-р Јулија Јуртоска.

Авторките се фокусираат на откривање на најчестите извори на напнатост кај жените сторители на кривични дела, при што користењето на резултатите на општествено и на индивидуално ниво се во насока на отстранување на изворите на напнатости што може да помогне во превенирање на идно криминално однесување.

Следен чекор во анализата на генералната теорија на напнатост е проширување на примерокот на жени сторители на кривични дела (не само затворенички), како и компаративни истражувања.

Трудот ќе биде објавен во специјален број на меѓународното научно списание “International Annals of Criminology” (Cambridge University Press) на крајот од месец декември 2019 година.