Press "Enter" to skip to content

За возбудливиот расказ, со духовити решенија, за авторот Петре Димовски прва награда

Писателот Петре Димовски е добитник на првата награда за расказ на анонимниот конкурс што традиционално го објавува весникот “Нова Македонија“.

Димовски наградата ја доби за расказот „Во трка за животот“, во конкуренција од околу 200 пристигнати раскази на конкурсот. Меѓу критериумите на жирито при избор на наградените раскази биле автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника. Расказот е работен по современа тема и со нов модерен израз.

-Првонаградениот расказ “Во трка за животот“ на Петре Димовски е напишан возбудливо, монтажно, како филмско сценарио, но со една подлабока порака што ја носи, порака за животната трка и трката со животот. Напишан е со многу духовити решенија, ја има таа нота на непредвидливост и хумор и е доследно изведен од почетокот до крајот. Изобилува со прекрасна техника на раскажување, многу е духовит, напишан од човек со големо животно искуство, изјави селекторот на конкурсот Александар Прокопиев.

Наградата на Димовски вчера на свеченост во кафулето „Капри“ во Скопје му ја врачи главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Александар Димковски.

П.Д. Фото: Нова Македонија

More from КултураMore posts in Култура »