Спортинг – Еурофарм Работник 36:26 (17:11)
Екипата на Еурофарм Работник на гостувањето во Португалија, е поразена од Спортинг убедливо со 10 гола разлика во рамките на Лигата на шампионите, а домаќините ја имаа предност во текот на целиот натпревар.
Само првите десетина мунути беа израмнети по резултатот, по 6:6, започна водството на Спортинг, најпрво со 9:6, а по 20 минути игра рзликата беше 5 гола во корист на домаќините. Полувремето заврши со 17:11 за Спортинг.
Почетокот на вториот дел најави мала можност за пресврт 15:19, по одбраните на Митревски и головите во нападот. На средината на полувремето беше 23:18, а потоа 28:21 за мирна завршница за Спортинг.
Најдобри стрелци кај Еурофарм Рабитник беа Остроушко и Јотиќ со по осум, а Митревски имаше 15 интервенции.
Илузорно беше да се очекува вака хендикепиран и уморен Еурофарм Работник да се избори за сензација во Лисабон и поразот од Спортинг е целосно очекуван. Можеби Алушовски не очекуваше вака убедлив исход, но Спортинг беше силно мотивиран и ја исполни целта која го води кон едно од првите две места во групата.
Тренерот Стевче Алушевски, на прес-конференцијата по натпреварот рече:
-Победата на домашната екипа целосно е заслужена. Можеби ние заслуживме не така убедлив пораз, но кога толку често ќе грешите, искусна екипа на Спортинг тоа ќе го казни. Денес настапивме без 3-4 ракометари и тоа се почувствува во нашата игра.






