Press "Enter" to skip to content

Платформа “Земи здив“ организира информативно – едукативен настан “Земи здив, информирај се и реагирај“ (фото)

Во малата сала на НУ Центар за култура Битола, која синоќа беше претесна да ги прими сите заинтересирани, во организација на Платформа “Земи здив“ се одржа информативно – едукативен настан “Земи здив, информирај се и реагирај“.
На настанот зборуваа претседателот на платформата Драган Вељанов, Мите Ристов од НВО “Геосфера“ која е составен дел од Платформата, а воведничар беше Диоген Хаџи-Коста Милевски.
На настанот како гости беа градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, претседателот на Советот на општина Битола – Валентин Груевски, дел од советниците, а и членовите од невладините организации “Сфера“, “CEDI“, географското друштво “Геосфера“, здружението “Јасмин“.
Диоген Хаџи-Коста Милевски на почетокот ги повика сите присутни на своите телефони ја да инсталираат програмата https://airly.eu/map/en/ за да можат да го следат извештајот и да понатаму да ја користат оваа апликација со цел да имаат увид во резултатите и тековните состојби со воздухот.
Претседателот на платформата Драган Вељанов зборуваше за напади од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за системот со кој го следат квалитетот на воздухот во Битола и изјави од типот дека податоците не би требало да бидат прифатливи.
-Сакаме да појасниме дека овој систем не треба да биде сфатен како конкуренција на државниот мониторинг, туку како дополнување со локации на кои нема можност да бидат поставени државни мерни станици и од кои ќе можат да се прибираат податоци во реално време за понатамошна анализа. Конкретно во Битола државната мерна станица “Битола 1“ од 16. јуни, а “Битола 2“ од 18. март до 23. септември (повеќе од 6 месеци) и ние немаме редовен мониторинг 365 дена во годината за да можеме да се раководиме по тие податоци. Нашата мрежа беше единстен извор на информации на граѓаните на Битола за квалитетот на воздухот во месеците март, април, мај, јуни, јули, август и септември. Информациите од нашата мрежа му се потребни на граѓаните за нивна индивидуална самозаштита во периодите на висока аерозагаденост за која ние алармираме преку нашите канали на комуникација, рече Велјанов, кој додаде.
-Нашата активност продолжува понатаму и ваквите појави не мотивираат да продолжиме со уште појако темпо и граѓаните на Битола да добиваат што е можно повеќе информации од повеќе локации во градот за нивото на аерозагаденост и какви мерки да превземаат, преку користење на нашите паметни уреди со помош на мобилната апликација “Airly”.
На настанот беше презентиран детален извештај за квалитетот на амбиенталниот воздух од периодот на нашето формирање до денес, како и нашите препораки за индивидуална заштита од штетните влијанија на зголеменото аерозагадување.

-Од пред два дена во Новаци, на фасадата на зградата на Општината, е поставен деветти сензор од страна на Платформата “Земи здив“, кој од денес започнува да покажува загаденост на воздухот. Но, вчера вечер тој покажа, со дел од податоците, направен е пресек на концентрациите помеѓу 18 и 24 часот и се забележуваат концентрации во Новаци пониски од во Битола. Тоа покажува дека таа вечер загадувањето не доаѓало од тој простор, рече Мите Ристов од „Геосфера“ кој и го презентираше извештајот. 
Ристов рече дека е рано, но кога ќе имаме подетални сумирања од неколку месеци или барем еден месец ќе можеме да направиме пресек и да донесиме заклучок од каде доаѓа загадувањето на воздухот.

Настанот беше организиран како дел од проектот “Стратегија за мапирање на загадувачи на амбиенталниот воздух во Битола” кој е финансиран од Општина Битола во рамките на Јавниот повик за здруженија на граѓани и фондации за 2019 година.

С. Ристевски