Во просториите на СВР Битола денеска беше одбележан Денот на превенцијата во полицијата, 9. декември, а во рамките на одбележувањето полициската станица во Битола ја посетија на дечињата од градинките, основците, учениците од сообраќајните единици, претставниците од Црвениот Крст, невладините организации.

Од страна на Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Битола, на сите кои денес беа во полициакта станица им беше презентирана дел од опремата и возилата со кои располага полицијата.

Исто така, присутните беа запознаени и со основните правила и прописи во сообраќајот, а им беше поделен и материјал со кој располага СВР Битола и се однесува на превентивните кампањи и активности кои се спроведуваат на ниво на Секторот.

Во обраќањето пред присутните, портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова потсети дека Отсекот за превенција, како посебна организациона единица, е формирана на 9 декември 2008 година, потпомогната од Мисијата на ОБСЕ и е произлезена од заложбите и настојувањата на полицијата да делува превентивно во служба на граѓаните.

-Поради тоа, денеска можеме да се пофалиме дека сме вклучени во многу активности и проекти кои даваат значаен придонес за поголема безбедност на граѓаните. За тоа зборуваат и статистичките податоци кои покажуваат намалување на криминалот, зачувување на јавниот ред и мир и зголемување на безбедноста во сообраќајот, истакна Стаматова.

Во обраќањето пред присутниите, претседателката на РСБСП – Гордана Кожуварова истакна дека Советот реализира голем број на кампањи меѓу кои во тек е зимската кампања, новогодишната кампања, а се уште трае и кампањата „Безбедно дете-безбедна иднина.

Кожуварова, исто така, потенцираше дека Советот, секаде каде има можност, реализира едукативни предавања, а Отсекот за превенција безрезервно ги поддржува и помага во нивна реализација.







