Press "Enter" to skip to content

Димче Миновски одржа час и подари свои книги на библиотеката во Горната, а тие му направија изложба (фото)

По повод големиот македонски и сесловенски празник посветен на големиот просветител Свети Климент Охридски, денеска во Гимназијата “Јосип Броз Тито“ во Битола го реализира културниот настан посветен на доајенот на битолското новинарство, Димче Миновски.  Воедно, на поетот Димче Миновски, на библиотечното пано во Гимназијата му беше приредена и изложба на неговото творештво од вкупно 17 негови дела, кои тој ги има издадено, неколку од областа на спортот во кои тој јавува како спортски хроничар на ракометот, фудбалот, стрелаштвото… а тука се  најдоа и десетината романи.

-Околу 5 книги се од спортот, 5-6 книги се приказни, за се што се случувало во Отоманското владеење, дела кои наликуваат, на делата на Жил Верн. Особено сум почестен што моите дела се тука, затоа што сметам дека најмногу тука ќе се читаат. Целокупното мое творештво е посветено на младите, тие сакаат да читаат за Битола во средниот век, дела кои се однесуваат на поново време, па Балканските војни, завршувајќи со спортот, од турското владеење до денешни денови, што се случувало, изјави Димче Миновски, на отворањето на изложбата. Потоа Миновски на часот по македонски јазик каде гимназијалците ги запозна со неговата биографија, неговите дела, а на учениците им подели и неколку пораки со пригодни зборови и со сеќавање на средношколските денови.

-На гимазијалците ќе им порачам да одат по трагите на она што поминало. Гимназијата е една од најпрочуените образовни институции во нашата земја. Од овие клупи излегоа народни херои, првоборци, академски граѓани, бројни стрчњаци, лекари, професори, инженери, убаво е да тргнат по тие патеки, и тие еден ден да ги видиме како успешни личности, и порача Миновски.

Притоа, за творештвото на Димче Миновски говореше библиотекарот и организатор на овие културни настани, м-р Драган Ристевски, кој го заокружи поетовото претставување со зборовите:-Особена чест ми е што тоа го правам за доајенот на битолското новинарство, Димче Миновски. Неговото творештво заслужува да добие поголемо значење, поголема јавност и тоа на овој начин го правиме со ова аизложба меѓу гимназијалците кои редовно ја посетуваат оваа библиотека и им е драго катче за престој, читање, нивно образование,рече м-р Драган Ристевски, библиотекар.

Миновски отстапи по еден примерок од неговото целокупно творештво на библиотеката во Гимназијата, а првата книга ја напишал во 1969 година, додека последната пред два месеци, вториот дел од книгата “Ракометот во Битола“.

С.Р.