Press "Enter" to skip to content

По подолго време комедија на репертоарот на НТБ, премиерата и предпремиерата распродадени

Ансамблот на битолскиот Народен театар на репертоарот по подолг период ќе има комедија, која ќе биде премиерно  изведена в сабота. Пиесата носи наслов “Аудиција“ е во режија на Благој Мицевски, според текст на рускиот драматург, Александар Галин.

Режисерот Мицевски вели дека во претставата се дава одговор на прашањето зошто луѓето остануваат во провинција, а тоа е најчесто од семејни причини или работата на која се посветени.

-Овој театарски проект се подготвуваше неколку месеци, но се надевам дека тоа е претстава со подолг живот. Оваа претстава прв пат се игра на македонската театарска сцена, и тоа е дополнително задоволство, рече Мицевски на пресот пред премиерата.Според драматургот, Оливера Павловиќ, пиесата “Аудиција“ обезбедува жива комуникација меѓу актерите и публиката, и тоа е една нова улога која театарот треба да ја одигра во време на голема одтуѓеност и живот во некаков виртуелен свет, како што е нашиот ментален склоп и нашиот стил на живеење.

Во претставата „Аудиција“ ќе настапат актерите Јулијана Стефанова, Соња Михајлова, Александар Копања, Марија Стефановска, Соња Ошавкова, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Петар Горко и Васко Мавровски.