Press "Enter" to skip to content

Во “Ушици“ по 56. пат коледарски оган, четири генерации заедно ја негуваат традицијата од 1964 (фотогалерија)

Без разлика дали некој го одобрува, друг не, коледарскиот оган вечерва го најави Христовото раѓање, а како и пред 56 години, така и вечерва во населбата “Ушици“ во Битола каде е запален големиот коледарски оган.Повозрасните жители на оваа населба, кажуваат дека веднаш по започнувањето со вселувањето во новите куќи во населбата во 1964 година, на местото на стариот “Расадник“, започна да се пали коледарскиот оган, на истото место, во паркот, помеѓу улиците “3-та“ и “2-ра“.-Не знам како излезе работата но последните години јас го палам огнот, а секако со помош на другите, вели Митко Лозановски, кој не само за огнот туку е еден од најзаслужните кои го уредуваше паркот и ги постави првите клупи и додава:-“Одговорен“ за паркот сум повеќе од 30 години, кога заедно со Перусо, Цанко, Саберо, Драги, помалите Бале, Сашо и Оливер, го правевме клупите за играње бељот, каде и сега во лето се игра, но тогаш повозрасните беа задолжени за огнот. Сега јас, како велите, сум “главен“ за огнот, како повозрасен ми помагна Дејан, но сите заедно од ова “мала“ ја продолжуваме традицијата на коледарскиот оган во “Ушици“ вели Митко.А, тука покрај огнот не се само жителите на “Ушици“ кои живеат во “малата“, тука се и оние кои во изминатите години се преселени во други маала во градот од “Ушици“, но тука се за Коледе, секоја година.  “Постарите“  кои го запалија огнот претходно се подготвуваат за Коледе, а покрај него таму се раскажува за минатите времиња и секако се потсетуваа  како беше низ годините.-Секоја година во “Ушици“ е  весело и со богата трпеза, беа разлика дали е комунизам, социјализам, капитализам, и дали поповите кажуваат дали да се пали оган или не, да се јаде покрај огнот или не. Никогаш немало некој да бил против, да кажувал дали треба или не треба да се пали оган, бидејќи оган се палел и ќе се пали, се краделе дрва за оган, горел до сабајле, ние од ова место сме се дружеле и пак ќе се дружиме, вели Спире Магдевски, еден од повозрасните жители на “Ушици“ и сведок на сите огнови кои се запалиле низ годините наназад, откако е изградена населбата. За скарата задолжени се помладите, кој и го одржуваат огнот, Бојан, Игор, Иле, Филип, Владе, Мартин, Никола…-Мора да се продолжи традицијата, ние веќе сме “навлечени“ на Коледе, а мило ми е што тука сме заедно со повозрасните која ја започнаа традицијата и иако дојдени оф разми места започнаа да палат оган, а тука се и најмалите кои веќе ја прифатија традицијата и сами се организираа за оган и се она што оди со огнот, вели Дејан Димовски, кој заедно со Митко вечерва го запали огнот.Клупата каде редовно играа бељот во топло време, оваа вечер е со друга намена, таму се готви и се служи храната, а воедно е и шанк за пијалокот.-Тука знаеме и во лето да си направиме без повод седенка по бељотот, но сега е друго има повод, Коледе и Божик. Тука на едно место сме четири генерации, на огнот кај картите, вели Цанко, кој се радува што тука е запален огнот по 56. пат, е се надева дека ќе гори на овој ден уште 100 години… а ќе се продолжи традицијата која ја започнаа нивните дедовци, татковции Душко, Спире, Мендо, Душко, Рампо, Коле, Рафе, Коста, Џајко, Бале, Сандре, Томе…Вечерва традицијата ја продолжуваат помладите генерации, и така сега покрај огнот заедно беше и четвртата генерација на внуци и правнуци, кои исто како и нивните татковци и дедовци палат оган.  Вечерва коледарската традиција ја продолжија, Андреj, Дамјана, Кико, Нина, Елена, Филип, Ања, Даријан, Софија, Јована, Дамјан…“Децата од нашата улица“ како што ги “знаат“ сите во населбата “Ушици“ или најмладата генерација оваа година се подготвуваа посебно за овој ден кој за нив беше  многу значаен. Тие уште во текот на денот сложни, си оргaнизираа, што ќе купат за јадење и решија да запалат  посебен оган, помал, настарана од возрасните за да си бидат слободни.-Оваа година ние сите одлучивме да се организираме подобро од минатата година и собравме пари од кои сами си купивме за јадење и одлучивме да си запалиме помал оган, ни кажаа Дамјана и Филип, дел од  организаторите кај децата од нашата улица.

Текст и фото: Сашо Ристевски