Press "Enter" to skip to content

Роберт Митковски – тренер на Пелистер Волеј: ние сме модерен клуб, со наши битолски одбојкарки и сме пример насекаде

Пред некој ден започнаа со подготовки и одбојкарките на Пелистер Волеј, предводени од шефот на стручниот штаб и тренер на сенорската и младинската екипа, Роберт Митковски. Со него зборувавме за тоа што го очекува овој спортски колектив оваа пролет и како ќе се одвиваат подготовките.За стартот на подготовките на одбојкарките и за кадровската екипираност Митковски вели:

-Пелистер Волеј веќе ги започна да се подготвува за продолжението од сезоната. Девојките интезивно ги започнаа подготовки кои ќе траат до крајот на месецот, а потоа ќе одиграме и неколку контролни натпревари пред почетокот на првенството. За сега сите се во добра форма, здрави и без повреди. Во екипата фалат уште две одбојкарки кои се на зимски одмор, но со инструкции за работа, а веќе од денес очекуваме да сме комплетни. За самите подготовки, клубот се опреми со нова неопходна опрема која ќе послужи за совршени подготовки кои се одвиваат во салата каде и ги играме првенствените натпревари во медицинското “Д-р Јован Калаузи“. За почеток се тестира формата, работиме на подобрување на кондицијата, а во вториот дел од овие мини припреми ќе работиме на зголемување на снагата и издржливоста, а за евентуални засилувања додава:-Во преодниот рок не размислуваме за засилувања, но секако имаме некои долгорочни планови, па и некое изненадубање не е неможно.

-Во есенскиот дел не успеавме да избориме пласман во првите шест, иако подмладени, сепак имавме реални шанси за изненадување, но во последните неколку кола како да немавме доволно сили за подвиг. Но, пред нас се нови предизвици и мораме да зацртаме нови цели, прилагодени на досегашните постигнати резултати. Приоритет секако и секогаш мора да е највисокиот ранг на натпревари, а тоа е Првата лига, како и Купот на Македонија кој започнува на пролет (средина на февруари) паралелно со првенството, вели Митковски, а за целите кои веќе се поставени додава:-Новата цел е прво место во “Втората фаза“ каде силите ќе ги одмериме секој со секого (дома-гости) во друштво со (табеларно есенски дел) УГД Студент, Македонија Макс, Ускана, Универзитет Тетово, Бами Кор. Со ваква стартна позиција на пролет, а и со капацитетот и потенцијалот кој ги носиме, ништо помалку од прво место не иди во предвид, особено што многу лесно можевме да завршиме во горниот дел.

Одбојкарскиот клуб во поглед на финансиите никогаше не кукале, но во ова тешко време некако се снаоѓаат. За каква пролет на финанскиски план очекуваат Митковски вели:

-Имаме позитивни сигнали за стабилна финансиска конструкција и секако заложбите и плановите се градат веќе за октомври 2020 за почетокот на новата сезона 2020/21. Како и самите рековте ние на кукаме, туку сме концентрирани на работата, со тоа што имаме со тоа работиме, а се надеваме дека ќе имаме поголеми разултати од тоа колку имаме пари, резултатите и парите секогаш не одат заедно.

Во клубот работат и се натпреваруваат во систем на натпревари и младинки, кадети и пионерки. Како котираат и какви се амбициите на овие екипи, Митковски вели:-Апсолутно голем акцент како и секогаш подеднакво полагаме на младинските лиги. Младинките имаат пол позиција и тука се освен Ф4 би било неуспех, особено што патот до него минува низ два бараж натпревари со екипи од дното на табелата, односно со Струмица Жени која не освои ни сет ни бод, како и Љуботен (евентуално Весна Пробиштип) кој два пати беше катастрофално поразен токму од нас, а згора на се цело време до крај би имале предност на домашен терен. Кадетките не се во пол позиција и загубивме предност на домашен терен, но сепак тоа се шампионки од минатата сезона и правилото никогаш никој да не го отпишува шампионот мора да ни биди и тоа како голем мотив, па така освен влез во Ф4 и со оваа категорија се друго би било неуспех. Пионерките се во страшен подем и во екстремно нагорна линија, па од тука со право можиме да ги сметаме за најпријатно изненадување кое од сенка можи слободно да се закани за влез во Ф4, па дури и за освојување на некој медал, кој за крај убеден во тоа што го кажува заврши:-Пелистер Волеј е модерен клуб кој размислува базично и приоритетот го гради од најмалите па нагоре, затоа што нашите заложби се на долг рок, како база за идни врвни одбојкарки по кои ќе биди препознатлива Битола. Но ние сме и позитивен пример како се работи со толкав број на млади одбојкарки, кој сите се обидуваат да го копираат. Битолските одбојкарки биле и ќе бидат приоритет во нашиот клуб, а тоа овие години го докажуваме и ќе го потврдуваме во иднина.

С.Ристевски