Press "Enter" to skip to content

Во Библиотеката на децата им се читаа книги, а тие цртаа на тема книги (фото)

Битолските библиотекари, водени од еден од најпознатите цитати на Ајнштајн “Ако сакате Вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате тие да бидат уште поинтелигентни, прочитајте им повеќе од нив “, започнува да го реализира новиот проект “Да им читаме на децата“.

-Од понеделник секој ден од 11 до 13 часот започнуваме да им читаме бајки на децата, во детската читална, без разлика на која возраст се. Единствено треба само да ги донесете вашите деца без мобилни телефони, а ние ќе им докажеме дека книгите се нешто волшебно, со кои се откриваа нови светови, се запознаваат нови работи и да учат за минатото, но исто така имаат и преобразувачка моќ, велат од библиотеката.Со поттикнување на детската фантазија, стимулирање на критичкото размислување и помагање во развојот на емпатија, читањето на децата им ги дава самите вештини кои им се потребни за да успеат на училиште, на работа и секојдневно во понатамошниот живот.

Зошто е важна раната конекција на детето со книгата? Научниците велат дека постои посебна, емотивна линија меѓу родителот и детето уште во раниот период, односно читајќи ги таканаречените „приспивни приказни“, односно бајките.Впивајќи ги информациите, тие почнуваат да размислуваат и да доаѓаат до нови идеи. Тие го прошируваат нивниот универзум над времето и местото и ги инспирираат своите сопствени, оригинални мисли. Затоа, не чудете се на навидум „нелогичните“ прашања на вашите деца, туку напротив обидете се на секое од нив разумно да одговорите.

Големиот Алберт Ајнштајн сметал дека бајките се важни затоа што ја стимулираат имагинацијата. Тој дефинитивно верувал во користење на имагинацијата, и рекол “Имагинацијата е поважна од знаењето, бидејќи знаењето е ограничено, додека имагинацијата го опфаќа целиот свет, стимулира напредок, раѓа еволуција“.