Press "Enter" to skip to content

Проф. Јован Д. Кочанковски на 89. роденден одржа историски час за формирањето за МНД (фото)

Професорот Кочанковски денес, 12 февруари, го слави својот 89 роденден и е единствен жив потписник на иницијативата за основање на Друштвото за наука и уметност- Битола, сегашно Македонско научно друштво-Битола.

Професорот Јован Д. Кочанковски, пред членовите на актуелното раководство на МНД-Битола, потсети како група интелектуалци од Битола се организираа и на 25 април 1960 година во просториите на тогашниот околиски Архив, (денес зграда на Ректоратот), се потпишаа на иницијативата за формирање на научното друштво во овој град. Освен Кочанковски, основачи, и на иницијативата потпишани се: Олга Кривашија, Живко Паришко, Велимир Костовски, Александар Тодоровски, Милан Констанинов, Тодорка Дога, Коста Цингаровски, Душко Константинов, Томе Ивановски, Владимир Чакар и Томе Ристевски, а во процесот на регистрација на Друштвото се приклучиле и Димитар Димитровски-Такули, Владимир Ивановски, Теко Таипи и Живко Василевски.-Од сите основачи, еве случајно, само јас останав жив, но со тоа што ги спомнав сите, повторно се сеќаваме на нив и нивната решеност во Битола да биде формирано научно друштво. Почнавме со голем ентузијазам, избравме и претседател на Друштвото, а таа функција прв почна да ја врши Живко Василевски. Донесовме одлука за издавање на списанието „Прилози“, а ги публикувавме и првите книги. Од денешен аспект, 60 години потоа…среќен сум што нашата мисија се реализира. Воедно честитам на актуелното раководство кое успешно ја негува традицијата, ја афирмира науката и уметноста и е одлично Македонско научно друштво, рече меѓудругото професорот Јован Д. Кочанковски на историскиот час во МНД-Битола.Професорот Јован Кочанковски на претседателот на МНД-Битола, вонреден професор д-р Марјан Танушевски му предаде оригинални документи од 1960 година кои наскоро јавно ќе бидат изложени.

Во знак на благодарност за донесената одлука во младоста, во знак на почит за придонесот во работата на тогашното ДНУ, а денес Македонско научно друштво, Танушевски на Јован Кочанковски му врачи роденденски подарок и го информира за програмата посветена на големиот јубилеј – 60 години од формирањето на друштвото која ќе биде заокружена на 25 април со свечена академија.

More from ВестиMore posts in Вести »