Press "Enter" to skip to content

“Актерска игра за соло пејачи“ едукативен концерт на ученици и студенти (фотогалерија)

Синоќа во преполната концертната сала на Државно музичко училиште во Битола се одржи едукативен концерт како крај на семинарот “Актерска игра за соло пејачи“ во организација на Камерна Опера – Битола со поддршка на Државно музичко училиште – Битола.
Семинарот го водеше гостинот од Романија, битолчанец по потекло, проф. д-р Филип Ристовски, кој е професор по глума на Музичкиот универзитет во Букурешт, како и актер во Национален театар Букурешт, Романија.
На концертот настапија ученици и студенти од Битола, Скопје, Прилеп, Ресен и Софија, Бугарија.
Концертот го отвори директорката на Камерна опера Битола, проф. по соло пеење м-р Марина Коруновска,  која најави уште многу проекти на здружението, се со цел да се поткрепат младите уметници.
Публиката имаше можност да присуствува на несекојдневен едукативен концерт, каде освен музичкиот дел, проф. м-р Маја Митровска зборуваше за содржината на делата и нивните композитори, додека професорот Ристовски ја воведе публиката во основите на сценската уметност, правејќи споредба на музичка изведба со музичко-сценска изведба на едно исто дело.
За младите уметници професорот Ристовски додаде:
-Воодушевен сум од талентот на овие млади таленти, кои само за шест дена се справија одлично со тешките задачи.
На концертот се изведоа арии, дуети и ансамбли од оперите од В. А. Моцарт, Џ. Росини, Г. Доницети и оперетите на И. Калман. 
Христина Трајкоска се претстави во улогата на младата игрива Розина од операта “Севилски бербер“, Дамјана Апостоловски и Александар Гацовски пееа за недоречената, неостварена љубов, за спомените и мечтите од минатото, во дуетот од оперетата “Царицата на Чардашот“.
Уште еден љубовен дует помеѓу наивната Церлина и лукавиот Дон Жуан беше во изведна на Мартин Димитриевски и Емили Христоска, а публиката уживаше слушнајќи  богат ансамбл на композиторот В. А. Моцарт од оп. Волшебна Флејта.
Квинтетот го изведоа Јована Котевска, Михаела Пееска, Елена Башеска, Христијан Трајчевки и Денис Алитовки, а и дует на две мачки од Џ. Росини каде најмладите сопранистки на Камерна опера ја пленија публиката со својата актерска игра.
За крај концертот заврши со дует и ансамбл од оп. Љубовен напиток на Г. Доницети каде Адина и доктор Дулкамара прават драма во театар.
Ансамблот беше исполнет со танци и богата кореографија, а во истиот учествуваа сите учесници од семинарот.
Пијано придружба на концертот беа проф. м-Александра Јанковска, Томе Спасовски и Христина Трајаноска.