Press "Enter" to skip to content

Докторите од “Плодност“ одговараат за најчестите прашања за корона вирусот и бременоста

Во однос на актуелната состојба, докторите од болница “Плодност“ Ви одговарата на најчесто поставените прашања за корона вирусот и бременоста.

Информирајте се како треба да се однесувате за време на бременост.

1. Што се коронавируси? Како ги добиваат луѓето?

-Коронавирусите (CoV) се фамилија на вируси кои предизвикуваат респираторни заболувања и тоа од обична настинка па се до потешки заболувања, како што се пневмонија и тежок акутен респираторен синдром. Кон крајот на 2019 година во Вухан, Кина беше идентификуван „нов“ коронавирус наречен COVID-19. Оттогаш овој нов вирус се шири во другите земји, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.
Најчестите симптоми на инфекцијата со COVID-19 се треска, кашлица, отежнато дишење и дијареа, иако кај некои луѓе има само благи или никакви симптоми. Во потешки случаи, инфекцијата може да предизвика пневмонија, респираторна слабост, откажување на бубрезите и смрт.
Коронавирусите лесно се шират преку остварување на близок контакт од личност до личност. Кога заразеното лице кива или кашла, вирусот може да се прошири кај другите кои се во близина.
Најдобар начини за да се заштитите од коронавирус е да избегнувате близок контакт со секој што покажува симптоми на респираторно заболување, како што се кашлање или кивање. Избегнувајте го допирањето на очите, носот и устата. Исчистете – дезинфицирајте често допирани површини и мијте ги рацете често. Исто така се препорачува да се избегнува патувањето во области со појава на коронавирус.

2. Како влијае инфекцијата со коронавирус врз забременувањето?

-Не се направени студии со кои би се утврдило дали ако имате коронавирус може да биде потешко да забремените.

3. Дали инфекцијата со коронавирус за време на бременоста ја зголемува шансата за спонтан абортус?

-Абортус може да се случи во било која бременост. Не се направени студии со кои би се утврдило дали при инфекција со коронавирус за време на бременоста може да се зголеми шансата за спонтан абортус. Во извештаите за бремени жени кои имале САРС во првиот триместар, 4 од 8 бремености завршиле со спонтан абортус. Нема доволно информации за да се знае дали спонтаните абортуси биле предизвикани од вирусот, сериозноста на заболувањето на мајката или други причини. Потребни се повеќе истражувања за да се знае како инфекцијата со коронавирус може да влијае врз бременоста.

4. Дали заразувањето со коронавирус во првиот триместар ја зголемува можноста за дефекти при раѓање?

-При секоја бременост, постои 3-5% шанса да се роди бебе со аномалија. Нема објавени информации за поврзаност на инфекцијата со коронавирус во бременост со појавата на аномалии во бременост.
Високата температура во првиот триместар може да ја зголеми можноста за појава на одредени аномалии (видете го листот со податоци на MotherToBaby: https://mothertobaby.org/fact-sheets/hyperthermia-pregnancy/). Ако се разболите со коронавирус или било која друга болест и имате висока температура, ве молиме разговарајте со вашиот доктор.

5. Дали инфекцијата со коронавирус во вториот или третиот триместар предизвикува компликации во бременоста?

-Не е позната можноста за компликации во бременоста кај жени кои имаат лесна коронавирусна болест. Сепак, бремените жени може да бидат изложени на поголем ризик од компликации и смрт од инфекција со коронавирус, па затоа е важен брз третман на симптомите. Доколку вирусот остане и не се третира, компликациите кај мајката како пневмонија и откажување на бубрезите може да предизвикаат проблеми кај бебето. Дури и со третман, кај бремените жени со тешка болест од коронавирус можеби ќе биде потребно предвремено завршување на бременоста (пред 37 седмици). Предвременото породување може да биде поврзано со долгорочни здравствени проблеми кај бебињата.
Во неодамнешните извештаи кај 19 жени дијагностицирани со COVID-19 во текот на третиот триместар од бременоста, кај 11 беше потребно предвремено завршување на бременоста со царски рез (најмногу заради болест на мајките). Некои од бебињата добиени од овие мајки имале проблеми со дишењето и други симптоми што можат да бидат предизвикани од предвременото раѓање, а едно предвремено родено новороденче починало. Поголемиот дел од новороденчињата биле тестирани за инфекција COVID-19 по породувањето, при што сите тестови биле негативни. Потребни се повеќе информации за да се знаат сите можни ефекти на инфекција со коронавирус во бременоста.

6. Дали изложеноста на коронавирус во бременоста предизвикува долгорочни проблеми во однесувањето или учењето кај бебето?

-Не се направени студии за да се види дали ако имате коронавирус во бременоста, може да постојат долгорочни ефекти врз детето.

7. Може ли да дојам ако имам коронавирус?

-Примероците од млеко од седум жени дијагностицирани со COVID-19 во доцната бременост, биле негативни за вирусот. Сепак, потребни се повеќе информации за да се знаат ефектите на коронавирусот врз мајчиното млеко. Жените кои дојат треба да разговараат со нивните доктори за да се пресметаат познатите придобивки од доењето во однос на непознатите ризици од доење со коронавирус. Ако одлучите да доите додека имате коронавирус, потребно е преземање на мерки на претпазливост, како што е честото миење на рацете и носење маска, се со цел да се ограничи можноста за пренесување на вирусот на бебето.

8. Ако партнерот има коронавирус, дали тоа може да влијае на неговата плодност или да го зголеми ризикот за аномалии при раѓање?

-Ова не е добро проучено. Во принцип, изложеноста на татковците веројатно нема да ги зголеми ризиците за бременост.