Press "Enter" to skip to content

Д-р Мери Стојанова, директор на Завод и Музеј: музејот во време на COVID – 19 ќе го “однесеме“ поблиску до посетителите

Денес е 18. мај, меѓународен ден на музеите. Како битолскиот Завод и Музеј се справува со новонастаната ситуација и што се прави “внатре“ и на локалитетот Хераклеја, кога вратите за посетителите се затворени, д-р Мери Стојанова, директор на НУ Завод и Музеј, ни напиша:

-Во насока на одбележување на 18ти мај Меѓународниот ден на Музеите, и во услови на светската криза предизвикана од појавата на COVID – 19, музеите имаат специфична улога, која не смее да биде занемарена. Напротив, од нив се очекува, да ја пополнат на некој начин празнината на културните збиднувања и да го направат периодот на изолација и затвореност поподнослив, и едноставно кажано поинтересен.

Од нив се очекува тие да станат виртуелни места за различни културни настани, информации, па дури и истражувања.

Во оваа смисла, една од алатките кои им се на располагање на музеите се социјалните мрежи, на кои може да споделат дел од знаењето и информациите, и да ги „однесат“ музеите поблиску до посетителите.

Како и многу други музеи во светот, она што НУ Завод и музеј – Битола го прави, е постојано да споделува информации и фотографии за значајни сегменти од доменот на своето работење, од нашето културно наследство, од она што го создава културниот мозаик кој секојдневно се протега пред нашите очи, и од она кое секојднево го набљудуваме, но и живееме во исто време.

На нашата facebook страна, нашите пријатели, во изминатиот период имаа можност одблиску да се запознаат со поединечни етнолошки, археолошки, историски и други музејски предмети, да го откријат светот на уметноста и функционалноста, на естетиката, и на наративите кои биле, и на некој начин се сеуште дел од нашето секојдневие.

Иако музејот е затворен за посетители, сепак нашите колеги воопшто не престануваат со работат. Напротив, покрај тековните работни задачи, во изминатиот период се реализираат бројни административни обврски поврзани со имплементацијата на два меѓународни проекти.

Првиот проект, проектот „Свети води“, се имплементира во рамките на INTERREG – IPA Програмата за прекугранична соработка со Грција.

Вториот проект, е проектот „SMART-CUL-TOUR”, кој се имплементира во рамките на IPA2 програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Она што ни претставува особено задоволство е фактот што на одбележувањето на 18. мај, меѓународниот ден на музеите, може да се пофалиме со фактот дека до крајот на годината во рамките на археолошкиот локалитет Хераклеа, треба да биде поставена и отворена нова музејска поставка.

Оваа поставка е само еден сегмент од бројните активности и новитети кои треба да бидат реализирани во Хераклеа во рамките на овој проект, а кои се надевам дека сите нас, и како вработени, но и како граѓани на Битола, ќе не направат горди и задоволни.