Press "Enter" to skip to content

Битолскиот спорт во корона: Даниело Божиновски – ПСК Копанки, пропаднаа многу планови за ова лето

Кога се застана поради коронавирус, меѓу првите кои беа “затворени“ беа спортските терени, а со тоа прекината сите спорстки активности. Како битолските спортови го поминуваат времето со коронавирус и како понатаму низ гледиштето на спортистите и спортските работници.

Иако планиарството е поединечен спорт и секој може самостојно да тренира, сепак поради затворените граници на државите немаа можност во овој период кој е најактуелен за подготовки и искачување на високи врвови. Како изгледа да се занимаваш со овој спорт разговараме со претседалот на планинарскиот спортски клуб Копанки, Даниело Божиновски. Тој за состојбите вели:-Во целата несреќа која го снајде светов, а со тоа и спортот, за нас остана нешто утешно. Нашиот спорт некако се провлече низ сите Уредби и рестрикции затоа што не е компетитивен спорт. Иако ни пропаднаа многу планови за ова лето сепак како утеха ни останува тоа што ние како планинари можеме, иако во еден наврат имаше обид да не спречат, да се движиме низ планината и да ја одржуваме формата.

За тоа како се подготвуваат за освојување на високите врвови, Божиновски вели:

-Моменталните активности кој ги имаат членовите на ПСК Копанки се неорганизирано посетување на планината и одржување на формата. Секој член на ПСК Копанки се придржува кон препораките кои секојдневно ги даваат државните органи. Сите ние потајно се надеваме дека што поскоро ситуацијава ќе се смири и барем ќе можеме да реализираме дел од активностите кои ги бевме планирале.

Некои планинари имаа направени комплетни планови за освојување на врвови, а дали пропаднаа плановите на дел од членовите на ПСК Копанки, претседателот Божоновски рече:-Ана која е еден од нашите најактивни членови, за жал, поради вирусот ќе ја испушти планираната експедиција на Кавказ каде што требаше да се обиде да се искачи на највисоката точка на Европа, а тоа е врвот Елбрус. Јас од се срце и посакувам да оваа година, ако дозволат условите, оствари некој од своите соништа затоа што долго време се припрема и гледајќи ја како се припрема гледам дека тоа неа и претставува задоволство. Среќен сум што имаме еден таков љубител на планинарскиот спорт во нашиот клуб. Јас заедно со уште некои членови од клубот планиравме прво алпска па потоа и некоја балканска акција но, што е тука е, ќе почекаме. Чекањето само ни ја зголемува желбата, а за членсвото додава:

-ПСК Копанки иако е млад клуб за кратко време успеавме да го изградиме како клуб кој во иднина засигурно ќе нижи успеси. Во моментот имаме доста активни членови кои се млади и желни за успех и освојување на врвови!

За планинарството покрај физичката и психичката подготеност потребни се и финании за што Даниело Божиновски е конкретен:

-Околу финансиската состојба не сакам многу да коментирам. Сите знаеме во каква состојба беа сите клубови од сите спортови пред короната, да не зборувам за планинарските, па можете да замислите во каква состојба сме сега. Искрено се надевам дека нашите подржувачи од изминатите години Советот на град Битола, ЕСМ и др. и оваа година ќе ни излезат во пресрет и ќе ни помогнат да ги оствариме нашите цели.