Press "Enter" to skip to content

“Aудио само-водечката” тура „Истражи го Мариово“ достапна на “Google Play“ и “iOS“

Со задоволство Ви ја претставуваме “аудио само-водечката” тура „Истражи го Мариово“ која Ви овозможува самостојно со автомобил да поминете прекрасен ден во Мариово, притоа почитувајќи ги препораките на социјално дистанцирање и изолација.

Потребно е само да ја снимите апликацијата izi.Travel на Вашиот мобилен телефон (достапна на Google Play и iOS), да ја побарате турата (или пак само кликнете на линкот) и да ја оставите да биде Ваш водич.Турата е предвидена да Ве води низ исполнет ден низ Мариово со Вашите најблиски. Вкупната должина е 115 км и се вози по асфалтен пат, кој на места е тесен, но е во добра состојба. Засега е достапна на англиски и македонски јазик.

Доколку сте некој кој сака да ја истражува Македонија, Ви доаѓаат гости на посета и сакате да ги прошетате некаде, или пак ги водите Вашите деца, внуци во родниот крај, треба само да ја преземите апликацијата, да оставите Вашиот мобилен да Ве води и да Ви го направи патувањето позабавно.Патувањето трае околу 1 ч 15 минути во правец, но се препорачува да застанете на некои места, да уживате во убавините и да ја слушнете приказната. Се посетуваат селата: Маково, Рапеш, Старавина, Градешница и Зовиќ, како и дел од природно историските убавини во околината.

Приказните за локациите од интерес се достапни и во “walk mode” што значи дека доколку сте во близина на некоја локација, Вашиот мобилен телефон автоматски ја активира соодветната приказна. На одредени места кои се достапни единствено пеш, добивате инструкции како да стигнете до истите и на што да внимавате притоа.Моментално се работи и на нови тури, кои ќе Ви овозможат пеш да ги истражувате дел од селата, што е директена поддршка за развој на туризмот во истите и обезбедување на интересни содржини за посетителите.

Аудио турата е комплетно волонтерски проект изработен од Марија Стојановска и Јове Парговски и двата по потекло од Мариово.Се работи за пристап кој во светот е веќе докажан, но во Македонија за жал малку се користи и најчесто се изработува преку проекти со астрономски буџети. Мариово има и безброј други места кои не се опфатени од оваа тура и во наредниот период ќе се продолжи со нивна афирмација.

За крај само сакаме да нагласиме дека сите предлози кон подобрување и збогатување на содржините се добредојдени.