Press "Enter" to skip to content

Спроти патрониот празник, Душко Костовски, директор на ОУ “Св. Кирил и Методиј“: снимивме спот за нашата химна, потсетник за празните клупи поради ковид-19

-Во “карантински услови“ ние учиме, се дружиме и создаваме. Виртуелната реалност стана наше секојдневие. Во такви услови го чествуваме и нашиот Патронен празник, вели Костовски.

Името на сесловенските просветители кое гордо го носи ОУ “Св. Кирил и Методиј“ во Битола е едно од најстарите училишта во нашиот град коешто постои и работи уште од шесеттите години на 19 век. Низ своето постоење од век и половина ѕидовите на ова учииште се неми сведоци на тоа што се случувало во него и поминало. А низ него поминале голем број ученици кои потоа го продолжиле својот од во разни насоки на иднината. Мнозина од нив станале познати граѓани кои со својата интелектуална, стопанска и општествене дејност и ја задолжиле Битола. Денес ова е современо училиште со современа организација на севкупната воспитно-образовна дејност.  Со воведената вонредната состојба поради вирусот COVID 19, кога се затворија училиштата, наставата се реализира на поинаков начин “online“, односно учење на далечина.

Овие денови пред 24 Мај училиштето го слави името на сесловенските просветители кое гордо го носи. Поразговаравме со директорот, Душко Костовски, за одбележувањето на патронот на училиштето, како и за проектите кои се раезлизираа во текот на учебната 2019/20 година.

Со кои предизвици, кои ги донесе со себе оваа година заради вонредната ситуација и мерките на заштита, го одбележувате патронио празник.

-Во изминатите години, 24 Мај, нашето училиште, го прославуваше својот патрон со голем број активности, настани, централна приредба… Оваа година заради вонредната ситуација и мерките на заштита, тоа го правиме на сосема поинаков начин. Во вакви “карантински услови“ ние учиме, се дружиме и создаваме, па и прославуваме. Виртуелната реалност стана наше секојдневие. Во такви услови го чествуваме и нашиот патронен празник. Менторите заедно со своите ученици подготвија музички спот и рецитал. Деновиве заврши снимањето на промотивен спот на училиштето со учество на ученици од 8 и 9 одеделинија, а се членови на училишниот хор. Учениците ја изведуваат химната на нашето училиште и се снимени во училишниот двор на далечина од 2 метри според мерките на претпазливост. Сметам дека овој материјал ќе остане да не потсетува на едно време, тешко време на празни клупи, празен училишен двор. Можеби сето тоа и ќе се почуствува на снимените секвенци од спотот, но ќе остане да сведочи за ова време, невреме. Промоцијата на спотот и рециталот ќе биде утре на 24 Мај, на празникот на Светите Кирил и Методиј.

Опишете го периодот низ кој минувате?

-Наставата се реализира во вонредни услови поради вирусот COVID 19, трае веќе три месеци во периодот март, април и мај, а ќе трае до крајот на учебната 2019/20 година. Минуваме низ тежок период за сите нас, особено за учениците. Училниците празни, детската врева заменета со компјутери, приспособена настава кон моменталните
потреби. Применувајќи нови е-алатки, се со цел поуспешно пренесување на нашите
знаењата и искуството,за повисоки постигнувања на учениците. Наставата се реализира непречено “online“, односно учење на далечина.  Тоа бара голема ангажираност од учениците, наставниците, и од страна на родителите. Заедно се трудиме да биде се нормално преку е-учењето. Раководниот кадар, стручниот тим и наставниците од училиштето сме советодавачи за унапредување на воспитно образовниот процес кој се одвива преку учење од дома. И тука децата ја покажуваат својата креативност заедно со своите наставници.За овој период на вонредна состојба започна и заврши реконструкција на спортските терени на училишето. Кажете ни за оваа инвестиција повеќе?

-По 40-тина години без никакви интервенции на терените, на децата ќе им биде овозможено да имаат часови по физичко образование на нова површина и со соодветно поставена опрема. Деновиве со поставување на рефлектори на спортските терени на основното училиште “Св. Кирил и Методиј“ заврши комплетната реконтрукција на терените на мал фудбал и ракомет, кошарка и одбојка. Комплетната реконтрукција
опфаќаше “гребење“ на стариот оштетен асфалт, асфалтирање, нова канали за одведување на атмосферската вода, обележување на терените, поставување на урбана опрема околу терените, нови огради и на крај осветлување. Градежните активности во спортскиот дел од училиштето, чија вредност е 2.000.000 денари, беше првото ветување на градоначалничката Наташа Петровска за нашето училиште, кое се реализира. Градежните работи започнаа пред вонредната состојба, но продолжија и за тоа време. Заврши целосната реконструкција на спортсите терени училиштето доби сосема нов лик. На овој начин ќе се подобри и наставата по физичко воспитување, а ќе се подобри и сигурноста за учениците и жителите кои гравитираат околу училиштето, со поставување на рефлектори околу дворот. Исто така имавме инвестиција и во подрачното училиште во село Логоварди каде изградивме нова остава за чување на дрвата, затоа што старата веќе беше пред уривање и претставуваше голема опасност за учениците и вработените.

Почетокот на вториот дел од учебната година во ОУ “Кирил и Методиј“ учениците го започнаа во нови услови, со еколошка инвестиција за чист воздух со која се промени начинот на греење. Кажете ни за овој проект?

-Наместо огромната количина на дрва 130 кубни метри кои се гореа, а зафаќаа половина од школскиот двор, плус пепелта и чадот кој го дишеа учениците и професорите, сега имаме еколошки инвертори кои не загадуваат. Ова е добро и за децата и за околината, зашто емисиите од чадот и ПМ честичките од согорувањето на дрвата се ширеа и кон соседните згради и објекти, а бевме посочени голем загадувач во централното градско подрачје. Системот за парно греење на дрва во нашето училиште е заменет со нов систем на греење со инвертер пумпи, клими во училниците и другите простории, а со тоа ние сме првото училиште во Битола кое ќе се грее со ваков модерен еколошки систем.Новиот еколошки систем е инвестицијата е вредна пет милиони денари, а парите се обезбедени преку Министерството за животна средина, по претходно подготвен проект од страна на Општина Битола. Друга позитивна работа е тоа што покрај греењето во летниот период ќе имаме и ладење на училниците и другите простории, рече Костовски.

Овој период ќе се запишуваат и првачиња, нови ученици во вашето училиште. Кажете повеќе за ова?

-Голема чест ми претствува што сум директор на ова училиште каде бев наставник повеќе од 20 години, но секако дека чувствувам голема одговорност заради големата традиција и реноме кое го има училиштето, а овде учеле и ќе учат генерации на ученици од исти семејства. Еве ова е период кога запишуваме нови ученици во прво одделение и многу од нив се и трета генерација кои се запишуваат во ова училиште. Ние се трудиме и понатаму да бидеме доследни на таа традиција и остварување на нови солидни и афирмативни воспитно образовни резултати. Со нетрпение ги очекуваме нашите нови ученици, првачињата, кои ќе седнат во клупите од септември. Со почитување на протоколите и мереките на ретпазливост дадени од МОН ќе ги запишуваме нашите драги првачиња, вели Костовски и за крај додаде:

-Дозволете, во мое лично име, и во името на сите вработени во ОУ “Св. Кирил и Методиј“  Битола, на нашите ученици да им го честитам Патрониот празник, со верба дека наредниот ќе го прославиме сите заедно во училишните клупи.

Жанета Ристевска