Press "Enter" to skip to content

Прекинато и одбојкарското првенство, крај на првата и младинските лиги без прогласување шампиони

Денес се одржа “online“ состанок на Одбојкарската Федерација на Македонија заедно со претставници на останатите клубови од Првата државна лига, како и претставници на сите прволигашки женски клубови.

По предлог на извршниот одбор на ОФМ, беше донесена едногласна одлука со која се стави крај на сезоната 2019/2020 во Првата државна Лига, како и одлука за крај на сите младински лиги, а како причина констатирано е неподобрувањето на актуелната состојба со Ковид 19, што пак резултира со оправдано неиздавање на препораки и протоколи од страна на комисијата за здравство за продолжување со работа, тренинзи и натпревари во затворен простор.

Исто така едногласно е донесена одлука за непрогласување на шампион на Македонија во ниту една категорија за сезона 2019/2020. За стартот на наредната сезона 2020/2021 единствено пионерките и пионерите ќе формираат групи по пат на ждребување, а носители ќе бидат најдобрите екипи од минатата сезона. Преодниот рок започнува на 1 јули, а ОФМ ги чека новите протоколи за во иднина. Во меѓувреме ќе достави предлози за пропозиции за следната сезона, а стартот на новата сезона 2020/2021 е предвиден за последната седмица на Септември, доколку се создадат услови за тоа.

Исто така, откажани се сите балкански шампионати на кои нашата репрезентација е активен учесник.

-Искрено жалажиме што вака тивко се завршува една квалитетна сезона за нас, но нема потклекнување и само со огромна верба, висок степен на мотивација и желба за успех остануваме на нашата животна определба за нови предизвици и нови победи во иднина. Ова е тешка ситуација за сите нас, во која клубовите трпат огромни штети и загуби, но заедно ќе се извлечиме од ова зло и за брзо повторно ќе му се вратиме на одбојката, велат од  Пелистер Волеј по донесување на одлуката.