Press "Enter" to skip to content

До Неолица, уживање во студена вода, зелен папрат, шумски јагоди низ дебелите букови сенки – Пелистерски патокази низ текст и фотографии (26)

Најубавиот поглед кон Битола и речиси цела Пелагонија може да се доживее од Неолица која е лоцирана на надморска висичина од 1.440 метри на југозападната страна од Битола од каде на дланка се гледа поголемиот дел на Македонија. Особено погледот е впечатлив ноќе кога Пелагониските села светат како светулки и Пелагонија наликува на ѕвездено небо. Па токму затоа оваа планинарка тура е најпопуларна за битолчани.-Не без причина битолските планинари во 70-тите години од минатиот век го изградија на ударнички начин, со голем ентузијазам и самопрегор планинарскиот дом кој е познат под истото име – Неолица. Најголемиот дел од тие планинари беа вработени во Фабриката за фрижидери “Ѓорѓи Наумов“. Традицијата на тоа име денес ја негува планинарското друштво “Ѓорѓи Наумов“ кое и го одржува планинарскиот дом Неолица, вели планинарот Драган Ристевски, на кој вчерашното искачување на оваа патека кога би го броел би носело бројка од неколку стотини пати.-Не сум броел, но можеби се повеќе од бројка со три цифри, можеби бројката е со четири цифри, но при секое искажување впечатокот е различен. Кога се искачува човек до Неолица е посебно убаво, а уживањето во убавиот поглед кон Битола и Пелагонија, движењето низ зелениот папрат, дебелите сенки на стогодишните дебели буки, вкусувањето на шумските јагоди и пиењето студена неоличка вода, која можеби е најубавата е посебно доживување кои секој битолчанев треба да го доживее секогаш кога ќе има неколку часа слободно време, додава Драган.Професорот по физичко образование во Горната Гимназија кој е вљубеник во планината, Кире Грбевски за оваа платека од Битола преку Смолево до Неолица вели:-За да се стигне до Неолица треба да се совладаат близу 900 метри надморска височина со оглед на тоа што Битола е во подножјето на Баба Планина на околу 500-600 метри надморска височина. Со оглед на големата  височинска разлика што треба да се искачи, иако Неолица е на дофат на Битола, сепак да се стигне до неа потребна е добра психофизичка подготвеност. Па токму затоа им ја препорачувам на сите спортисти, посебно младите како дел од тренингот. Ова го знаат спортистите, а и сами гледате колку ги има денес, ракометари, фудбалери, млади спортисти, но тука се и рекреативците, лекари, анестезиолози, бизнисмени, татковци со деца…Кога ќе се стигне до Неолица по изминати околу 6 километри од Смолево или во време помалку од два часа, намерниците го имаат еден од најубавите погледи кон Битола, Пелагонија и Мариово со Ниџе и врвот Кајмакчалан, а тука е планинарскиот дом со истото име, каде има чај и други пијалоци, а срдечните домари нудат и домашни чорби.Дел од планинарите не остануваат тука, заминуваат уште еден километар до местото викано “Колтуко“ каде имаат поглед тешко се заборава.-Неколку пати во неделата сум на планина, а Неолица е местото кое често го посетувам од разни патеки и смерови, а бидејќи живеам во Буковска населба од таму се искаќувам. Оваа патека од Смолево за прв пат ја искачувам и се сложувам со Драган дека е можеби најпитома за искачување, не е тешка, има вода, сенки… Ме радува што денес има многу луѓе, посебно млади кои со друштво се искачија, а дел од нив заминаа до “Колтукот“ и врвот Неолица, кај крстот. Но, дождот на сите ни ги прекина уживањето и брзаме да се вратиме во Битола, ни рече Александар Чурановски.За многумина името Неолица е непознат топоним. Тоа име според наши сознанија потекнува уште од средниот век, а доаѓа од зборот неволица, невоља. Во услови на смртна опасност, биле организирани збегови на домородното македонско население во средновековна Битола на тврдината на Тумбе Кафе се упатувале во збегови и се закривале во Неолица односно Неволица, по постојниот и најлесен пристап кој од Тумбе Кафе, преку Смолево,  продолжува кон Неолица, каде има услови за живот  пред се вода.Во зависност од тоа каде живее во Битола, намерникот може да избира една од наведените патеки кои секоја за себе има одредена тежина но секако и убавина, а се вели дека од секое село и место до планинско одредиште има по 2-3 патеки, па така и за Неолица, од потпелистерките села по две или три патеки водат кон Неолица.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »