Press "Enter" to skip to content

Најслатки невеста и зет Ева и Иван ги одбележаа обичаите за Иванден во Битола (фото)

Во Битола традицијата продолжува “Тајане Бојане“  пееја најмалите битоллани, денес на Иванден.

Оваа година слатките  Ева Димитрова и Иван Талевски од маалот Маџар мале во Битола облечени како невеста и зет достојно го одбележаа обичајот “Тајане Бојане“. Немаше тајфа сватови, при што  се испочитуваа мерките, а и традиционалните обичаи поврзани со празникот Иванден.  Домаќинките им направија и традиционално турте колач кој се прави на овој ден, е беа ретките кои денес во Битола го продолжија овој обичај.“Тајане Бојане“ се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушевско. Потсетувајќи се на деновите од детсвото во жешките дениви на јули, многумина овој ден ги потсетува на организирање на тајфа “сватови“ невеста и зет. “Тајфата“ шетала најчесто низ малото по куќи низ Битола, пеејќи ја песната “Тајане Бојане имам брат Св. Јоване…“ при тоа сите им давале по нешто јајца, брашно, масло, пари…

Тоа што ќе се соберело го носеле кај некоја или повеќе домаќинки кои им подготвувале зелник, пита, турте или друго. Собраните пари се делеле на сите учесници. Обичаите биле различни во зависност каде се изведувала оваа традиција, но во цела Битола порано се правело на еден начин.Сите оние кои во детсвото учествувале во такви тајфи се сеќаваат со носталгија, и убави чувства… Многу ќе се сетат кога во најтоплиот месец јули, период на распуст со своите другарчиња од малата се организирале за “Тајане Бојане“. Со годините традицијата продолжува во некои маала низ Битола. Оваа година имаме  фотографија на најслатките учесници во овој обичај. Традицијата се уште продолжува…

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване, ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса, по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот, калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди, од герамиди на трендафилот,

белата брада на берберница црната брада на касапница.Краток  опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден “ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: Тајани, ѓанизмата кокʼ за, ќи кʼ за“ и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење.

Ж. Ристевска