Press "Enter" to skip to content

Висок позитивен финансиски резултат го заокружи стабилното работење на Стопанска банка а.д. Битола

Сите информации за перформансот на банките, податоците кои се објавуваат во согласност со регулативите на НБРСМ и финансиските извештаи кои полугодишно и годишно ги објавуваат банките доколку се протолкуваат посочуваат единствено на целосна стабилност на банкарскиот систем во земјата и на Стопанска банка а.д. Битола како дел од истиот.

Полугодишниот извештај за работењето на Стопанска банка а.д. Битола заклучно со 30.06.2020 година прикажа позитивен резултат, односно нето добивка од 52,42 милиони денари. Земајќи го во предвид фактот дека повеќе од половина од првите шест месеци од годината беа период во кој управувањето и раководењето на банката беше во услови на Ковид – кризата и иако се работеше за една ретка и непредвидлива ситуација, банката со своето сериозно искуство и повеќе од 70 години постоење како и процедурално, професионално и планирано работење успешно управуваше во текот на цел овој период и успеа не само да ја задржи туку и да ја подобри стабилноста на работењето на банката и да го зголеми својот континуиран раст.

За тоа е доказ и финансискиот резултат на банката кој заклучно со 31.07. 2020 година изнесуваше 62,91 милиони денари. Овој забележителен месечен и полугодишен раст во бројки претставува 1454% зголемување на добивката во однос на истиот период изминатата година.

Овие одлични бројки се резултат на зголемената кредитна активност на месечна основа со континуиран растечки тренд на бруто кредитно портфолио на годишна основа и растечкиот годишен тренд на вкупните депозити на население кои во споредба со минатата година истиот период бележат раст за повеќе од 10%.

Истовремено, Стопанска банка а.д. Битола може да се пофали со високи, позитивни финансиски показатели кои го потврдуваат нејзиниот резултат според сите регулативи кои ги наложува НБРСМ. Банката има високо ниво на капитализираност со дури 18,74% стапка на адекватност на капиталот кој според Член 65 од Законот за банки не смее да
биде понизок од 8%.

Покрај тоа, високо над задолжителниот минимум се и односот на ликвидна актива во однос на вкупна актива на банката кој заклучно со 30.06 изнесуваше 33,88% и односот на ликвидна актива во однос на депозити на домаќинства кој исто така заклучно со 30.06 изнесуваше 72,47 %.

Сите овие финансиски показатели кои го маркираат работењето на банката поддржани од податоците на НБРСМ ја сместуваат Стопанска банка а.д. Битола на врвот во првите три банки со највисоко ниво на адекватност на капитал.

Оттука, најостро ги демантираме и целосно ги отфрламе шпекулациите и невистините за функционирањето и работењето на банката кои се шират во одредени кругови и апелираме дека за истото банката ќе преземе соодветно дејствие и ќе биде побарана правна одговорност.