Press "Enter" to skip to content

Сашо Поповски, директор на “Џез Фабрика Фестивал Битола“: промовирање на македонската џез сцена во пандемија

Во Битола се одржa третото издание на Интернационалниот џез фестивал “Џез Фабрика Фестивал Битола“ – Jazz Factory Festival Bitola 2020, единствен џез фестивал во Битола, градот под Пелистер, со сериозна меѓународна програма и главен акцент на промоција на македонските џез артисти. Овој фестивал ја става Битола во светската листа на градови со џез култура, а придонесува кон културната децентрализација и меѓународна промоција.

Поради пандемијата и протоколите директорот на фестивалот проф. Сашо Поповски, ни истакна дека беа приморани терминот за реализација да го поместат од традиционалниот во месец април за крајот на месец август. Колку беше тешко да се организира фестивал за време на светска панедмија?

-Секое  ново издание на фестивалот со себе носи нови предизвици, непредвидливи моменти преплетени со инстант решенија.  Успешно да се реализира фестивал во време на светска пандемија бара максимална посветеност, професионалност и безрезервно имплементериње на препораките од Владата за организирање на настани од отворен тип.  Соочувањето со овие глобални предизвици кај нас резултираше со воведување на нови програми и содржини кои не беа предвидени во воведната конструкција на фестивалот како:  Live Stream – комплетната програма на фестивалот која беше емитувана на нашата веб страна www.jff.mk во соработка со компанијата www.vidict.live, , промоција на ЦД – АЈС Квартет (Albanian Jazz Society), промоција на книгата Press & Play – Ненад Георгиевски, доделување награда „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар.Колку сте задоволни од годинешното издание?

-Според мене ова е најдоброто издание на фестивалот, а нагорната линија на раст и развој ја задржавме и во овие тешки времиња за културата и уметноста на светско ниво. Бројот на седишта беше лимитиран на 100 посетители и ме радува фактот што за само 2 дена сите билети беа подигнати и концертите беа посетени.

Какви беа реакциите на публиката?

-Публиката во Битола е со префинет вкус и знае да процени врвно уметничко дело, според реакциите и аплаузот кој го добија уметниците можеме слободно да констатираме дека ова издание ги почести љубителите на џез музиката со разновидност во изборот, врвно музичко мајсторство и квалитет во селекцијата на артистите. Програмата беше реализирана со регионални – Балкански џез музичари со главен фокус на домашните артисти и промовирање на нивните најнови изданија. Кога го започнавме мултимедијалниот проект Џез Фабрика во 2011 во соработка со Американското катче во Битола, бевме сигурни дека тоа е вистинскиот пат за едуцирање на младите луѓе и нивно запознавање преку џез музиката со уметноста и културата на живеење. Максималната исполнетост на дозволениот капацитет на концертите 9 години подоцна е доказ дека проектот е успешен, поставен на сериозни темели и во блиска иднина ќе прерасне во стожер на културата, слободната мисла, уметничката форма и израз, како и културното живеење во Битола и Пелагонискиот регион.Ова е трето издание по ред, колку според Вас  е важен континуитетот на организирање?

-Се разбира дека еден од најбитните аспекти во функционирањето на фестивалот е неговиот континуитет кој самиот по себе зборува за неговата сериозност, посветеност на тимот кој стои зад фестивалот и макотрпната работа која започнува веднаш по завршувањето на последниот концерт од предходното издание. Токму тој континуитет и беспрекорна организација ја препозна и МОСТ – Будимпешта и ЏФФ. беше селектиран во друштво на 9 фестивали од Балканот и во 2021 г. преку оваа програма која е финансирана од Европската Унија во делот за Креативна Европа ќе имаме дирекна соработка со фестивалот Musicastrada Италија.

За наредното издание ги најавија реномирани светски имиња од џез сцената, дали ќе кажете дел од нив?

-За следното издание во 2021 година во Битола, имаме предвидено неколку нови работи како и гости од ЕУ. Фестивалот е во план да биде 5 денови од кои 4 во месец април, традиционалниот термин и една ексклузивна вечер во месец август. До овој момент имаме потврдено два џез состави од Италија, по еден од Грција, Бугарија, Канада, Словенија и Србија, како и три Македонски џез имиња. Во рамките на следното издание ќе организираме и Showcase програма на 4 Македонски бендови, работилници за музички бизнис како и четири дневна работилница за џез фотографија.

More from КултураMore posts in Култура »