Press "Enter" to skip to content

Четврта фаза од превентивната систематска дезинсекција за уништување на комарците на подрачјето на Општина Битола

ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола го издава следново соопштение:

Ве известуваме дека почнувајќи од вчера, 14.09.2020 (понеделник) па во наредните пет дена, заклучно со 18.09.2020год, екипи на Центарот за јавно здравје ќе ја спроведуваат ЧЕТВРТАТА ФАЗА од теристичката (од земја) дезинсекција со цел уништување на комарците.

Запрашувањето ќе се врши во периодот од 19:00 до 02:00 часот, со апаратура за УЛВ ладно запрашување поставена на пикап-возило. Со оглед на тоа дека активностите ќе се изведуваат во вечерните часови, на возилото со апаратурата за дезинсекција ќе му претходи друго возило означено со ротационо светло. Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини на целото градското подрачје и периферијата на градот, предвидени со оперативниот план и програма доставени до Општина Битола.

Третирањето ќе се изведува со препаратот AQUA K-OTHRINE EW 20 со активна супстанца DELTAMETRIN на производителот Bayer.
Во случај на појава на неповолни временски услови (ветар, дожд) дезинсекцијата се одложува за следниот поволен ден. Со информации за активностите од страна на ЈЗУ ЦЈЗ Битола известени се и здруженијата на пчеларите, здравствените институции, локалната самоуправа и сите останати надлежни институции. За сите информации и прашања отворен телефон за контакт во Центарот за јавно здравје е 208-100, 208-101.
Со ова се комплетира планираниот циклус на превентивната дезинсекција реализиран со четири адултицидни и две ларвицидни дезинсекции, согласно оперативниот план и програмата на Општина Битола. Да напоменеме дека оваа сезона, беше крајно неповолна од аспект на реализирање на планираните активностите на терен. Имено, заради променетите климатски услови, сушната есен и зима и обилните врнежи во месец Јуни, биолошкиот циклус и развој на комарците годинава беше поместен за повеќе од месец дена. Ова и неповолните условите на терен доведоа до неколкукратно одлагање на активностите предвидени за почетокот на месец Јуни, поместувајќи ги фазите на реализација за месец дена.

ЈЗУ Центар за јавно Здравје-Битола